Промоција на романот „Порција бара спас“ од Христо Георгиев во КИЦ во Софија
Во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија вечер од 18.30 часот ќе биде промовиран романот „Порција бара спас“ од Христо Георгиев.
КИЦ во Софија соопшти дека се работи за сатиричен научно-фантастичен роман напишан во 1965 година во Скопје, а објавен во 2025 година затоа што своевремено не добил одобрение за објавување од тогашните надлежни институции.
-Денес, 60 години подоцна, овој ракопис е објавен првпат од издавачката куќа „Арт куќа Премананда“. На 94-годишна возраст, авторот го претставува своето дело токму во Културно-информативниот центар на Република Македонија во Софија. Сижето е оригинално и провокативно. Брилијантна е идејата дека вонземјаните доаѓаат на Земјата (Тера) не за да нè спасат или освојат, туку да проучат како професионално ја уништуваме вистината. Користејќи суптилен, интелигентен хумор и водејќи ги ликовите низ низа незгоди, авторот поставува фундаментални прашања и станува непристрасно огледало на општеството: Иако е напишан во средината на 1960-тите, сатирата е застрашувачки релевантна во дезинформациите и искривените вредности на сегашното дигитално време, информира македонскиот КИЦ.
На книжевната вечер ќе присуствуваат авторот Христо Георгиев и преведувачката и издавач Марија Георгиева-Дурга.
-„Порција бара спас“ е покана да размислиме дали сме станале помудри во текот на изминатите 60 години или сè уште се вртиме во истите кругови, барајќи излез таму каде што го нема. Тоа е огледало во кое денешниот читател може да го види своето време низ очите на мудар набљудувач од минатото. Во средината на 1960-тите социјалната сатира беше опасно оружје. Вредноста на романот е во неговата алегоричност – го користи жанрот на фантастиката – далечни планети (како Порција) за да зборува за земските несовршености, бирократијата, ограничувањето на слободата и апсурдите на општеството, се наведува во соопштението.