Промоција на монографијата „Мојот пат“ посветена на доајенот на македонската балетска уметност, Антон (Тони) Баталаковски


Промоција на монографијата „Мојот пат“ – посветена на една од позначајните личности во историјата на македонскиот балет Антон (Тони) Баталаковски, ќе се одржи вечер со почеток во 19:00 часот, во фоајето на Националната опера и балет. 

Автори на монографијата се др. Соња Здравкова-Џепароска и др. Александар Трајковски, која на сеопфатен и документарно вреден начин го опфаќа животниот и професионалниот пат на Тони Баталаковски, низ поројот на настани, судбински предизвици и остварени соништа.

-Монографијата содржи интерпретативен приказ на неговата сценска дејност, педагошката и репетиторската работа, како и бројни сеќавања за ликот и делото на уметникот. Како првенец на Балетот и како прв директор при тогашното МНТ – ООЗТ Балет, Тони Баталаковски со својата визија и посветеност остави длабок и траен белег во институционалниот и уметничкиот развој на македонскиот балет. Монографијата „Мојот пат“ претставува сведоштво за едно време, една професија и една исклучителна животна мисија, оставена како трајно културно наследство за идните генерации, наведуваат авторите на монографијата.

Книгата е поддржана од Министерството за култура и туризам.