Промоција на книгите „Волшебните прегратки“ и „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ од Марија Костадиновска


„Волшебните прегратки“ и „Вистинска приказна за двете соседни кралства“ се книгите на авторката Марија Костадиновска кои ќе бидат промовирани денеска во книжарницата „Литература.мк Суперстор“ во Скопје.

Двете книги се во издание на „Либи“, дел од „Арс Ламина – публикации“, а промоторка ќе биде проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Извадоци од книгите ќе чита проф. Елена Ѓорѓиовска.

-„Вистинска приказна за двете соседни кралства“ воопшто не е обична приказна, а е вистинска. За две вистински соседни кралства. За Хана, една вистинска кралица. И за Фран, еден вистински крал. И не се случило еднаш, некогаш, многу одамна во двете вистински кралства, како во сите други приказни. Туку, сега, вистински се случува. Хана и Фран, иако ги имаат своите кралства, тие ги губат. Оттука е и првата порака и поука дека ништо не е вечно и трајно. За да ги вратат изгубените кралства ќе мораат да се потрудат. Насоките се јасни. Најпрвин ќе треба да научат многу нови нешта. Да бидат истрајни. Дополнителната живост на оваа приказна ја даваат живописните илустрации од илустраторката Александра Филипоска, соопштија од „Арс Ламина – публикации“.

Книгата „Волшебните прегратки“ е приказна-метафора за среќата. За непроценливата детска среќа и за тоа како со малку може да се има сѐ ако се занемари (не)намерното негативно дејствување од возрасните. За купувањето нематеријални нешта, за вредноста на желбите и соништата. Како што посочија од издавачката куќа, оваа книга е навидум една наивна приказна за деца, но всушност е лекција, со длабоки пораки и за децата и за возрасните.

Илустрациите во овој мини-роман се од илустраторката Иванка НиБа.

Авторката Марија Костадиновска е родена на 6 март 1990 година во Скопје. Дипломира на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на катедрата за македонски и јужнословенски книжевности. Со пишување почнува во студентските денови, а во последните неколку години пишува книжевност за деца. Костадиновска е професионален едриличар и говори англиски, шпански и грчки јазик, а во изминатите години живеела во Шпанија, Италија и на Флорида.