Промоција на книгата „Зимски распуст“ од исландската авторка за деца Хилдур Кнутсдотир
Романот „Зимски распуст“ од Хилдур Кнутсдотир, која се смета за една од најоригиналните авторки за деца во Исланд, ќе биде промовирана денеска во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ во Скопје.
По повод промоцијата на романот што е преведен на македонски јазик, Кнутсдотир престојува во Скопје по покана на својот македонски издавач Паблишер.
Кнутсдотир (1984) е сестрана авторка која објавува и драми, сценарија и кратки раскази. Почнала да пишува во своите тинејџерски години. Нејзината прва новела „Косење“ е објавена во 2011 година, а по неа следува „Пророштво“. Мрачниот роман за тинејџери „Зимски распуст“ излегува од печат во 2015 година и наскоро ги добива Исландската книжевна награда и Наградата за најдобра книга за деца на градот Рејкјавик. Кај нас се објави како дел од едицијата „Калеидоскоп“, проект поддржан од Програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
„Зимски распуст“ е возбудлив трилер за деца и возрасни. Приказната почнува во последниот училиштен ден, пред зимскиот распуст. Родителите планираат романтичен викенд, а Берглјот и нејзиниот помал брат Браги се радуваат на слободните денови што ќе ги поминат со своите пријатели. Но, работите ненадејно се менуваат и тие мора да заминат со татко им на одмор во нивната планинска куќичка. Лути поради нарушените планови, не можат ни да претпостават дека тој зимски одмор ќе им биде најнеобичниот – и најкрвавиот во животот. Користејќи ја својата бујна имагинација, Кнутсдотир нè пренесува во една морничава хорор-приказна, толку живо раскажана што имаме впечаток дека и самите сме учесници во неа.