Промоција на книгата „Залутани записи“ од Иван Шопов во КИЦ на РСМ во Софија
Во Културно-информативниот центар на Република Северна Македонија во Софија вечерва ќе биде промовирано бугарското издание на книгата „Залутани записи“ од македонскиот писател Иван Шопов.
Книгата е во издание на „Ерго“, а во превод на бугарски јазик од Тања Попова. За книгата ќе говорат Мартин Христов од „Ерго“, Тања Попова и бугарскиот писател и сценарист Михаил Вешим.
Во книгата се собрани кратки раскази и есеи, а на централно место се поставени малите луѓе и страничните појави и настани, кои не можат да се сретнат во учебниците по историја и туристичките брошури.
– Кратките парчиња проза на македонскиот писател Иван Шопов се како делови од сложувалка – ако ги наредиш правилно, се добива една апсурдна слика – дијагноза на нашиот заеднички Балкански синдром, опишан порано и од Станислав Стратиев, вели бугарскиот писател и сценарист Вешим.
Иван Шопов е роден во Скопје во 1987 година. Дипломира на факултетот „Блаже Конески“ при УКИМ, отсек „Општа и компаративна книжевност“. Долгогодишен редактор е на „Темплум“ и на интернет порталот Okno.mk. Автор е на зборникот раскази „Азбука и залутани записи“ (2010), за кој ја добива наградата „Новите!“ за најдобра дебитантска проза. Автор е и на стиховите во проза „Меше на годината“ (2012), зборникот раскази „091 – антиразгледници од Скопје“ (2018), зборник сатира „Хрониките на Арслан Новинарски“ (2018), мини книгата „Осум наративни прошетки со фиќо или што научив за пишувањето од застава 750“ (2019) и „Скопје: изгубените чевли на градот“ (2020). Пишува и поезија и хаику. Неговите раскази и стихотворби се преведени на англиски, романски, чешки, српски, хрватски, германски, словенечки и бугарски јазик.