Промоција на две книги поезија од Тихомир Јанчовски


Последните две книги поезија од македонскиот поет Тихомир Јанчовски – „Пристоен предлог и други песни“ и „Пеколот е мало место“ в сабота напладне ќе бидат промовирани во Цреша Бар.

Промотор ќе биде Дарко Лешоски, а стихови ќе читаат авторот Тихомир Јанчовски и Зоран Тортевски. 

Македонскиот поет, професор, преведувач и колумнист Тихомир Јанчовски завршил Општа и компаративна книжевност на УКИМ. Досега има објавено петнаесет книги поезија, три романи, две книги за деца и една книга колумни. Неговата поезија е преведена на 16 јазици и е објавувана во разни литературни списанија и во засебни книги. Бил учесник на бројни поетски фестивали и е застапен во многу антологии на македонската и светската поезија. Како преведувач, работел на дела од светски автори, вклучувајќи класици и современи текстови.

– Збирката поезија „Пеколот е мало место“ од Тихомир Јанчовски претставува општествена критика, егзистенцијална размисла како и нуркање и истражување на човековите емоции. Секоја песна одекнува со чувство на итност и длабока интроспекција од страна на поетот, одразувајќи ја сложеноста на човековата состојба во свет полн со очај и разочарување…, истакнува книжевниот критичар Душко Крстевски.