Промоција на две книги од Валентин Нешовски во КИЦ


Во Културно-информативниот центар (КИЦ) во Скопје, на 17 декември (среда) во 19 часот, ќе се одржи промоција на две книги од авторот Валентин Нешовски, во Салонот 19.19.

Станува збор за романот „Кафеана на крајот и на почетокот од универзумот“, како и за научно-аналитичката студија „Конфликт, мир и медиуми – Медиумите и нивната улога во постконфликтните општества“.

Романот „Кафеана на крајот и на почетокот од универзумот“ е третото и последно продолжение од трилогијата на Нешовски, во кое авторот нуди наративно патување низ една вселена каде што границите меѓу реалноста и симулацијата се топат во светлина од кафеанска ламба.

Промотори на ова издание ќе бидат отец Теофан (Мијалковски) и Миле Бошњаковски, комуниколог, новинар и писател.

Втората книга, „Конфликт, мир и медиуми“, претставува теоретски втемелена и аналитички богата студија што ги разгледува структурите и процесите во постконфликтните општества, со посебен фокус на улогата на медиумите и трансформацијата во современиот глобализиран свет.

Промоторка на ова дело ќе биде проф. д-р Ана Чулевска, редовен професор на Институтот за политички науки при Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Настанот е отворен за јавноста.