Пролонгиран рокот за доставување на понуди за изградба на првата современа депонија кај Светиниколско Мечкуевци


Рокот за доставување на понуди на меѓународниот тендер за изградба на регионална депонија кај Светиниколското село Мечкуевци се пролонгира, потврди Ана Мазнева Каранфиловска од Министерството за животна средина и просторно планирање. Таа истакна дека пролонгирањето е поради технички причини, а до кога ќе се продолжи треба да добијат информација од Брисел, бидејќи постапката ја води ЕУ, која и дава средства за реализација на овој проект.

Инаку, до денеска требаше да трае доставувањето на понудите на компаниите, кои се заинтересирани да го градат првиот современ систем за депонирање на отпадот за 18 општини од источниот и североисточниот регион.

Градоначалниците од источниот и североисточниот регион со нетрпение ја очекуваат изградбата, бидејќи во меѓувреме се затворија и неколку депонии во неколку општини и се веќе уредени. Претседателот на Советот на градоначалници на Источно планскиот регион, Борчо Коцев вели дека со изградбата на регионалната депонија ќе се реши проблемот и со дивите депонии, како и со депонирањето и обработката на отпадот.

Првата современа депонија треба да се изгрaди во рок од околу две години, а ќе опслужува околу 370.000 жители од Источниот и Североисточниот регион. Проектот чини околу 40 милиони евра, а средства се обезбедени од фондовите на ЕУ.