Производството на iPhone 15 започна во Индија, Apple бара алтернатива за Кина
Њу Делхи – Тајванската компанија Foxconn, снабдувач на американскиот Apple, започна со производство на новиот iPhone 15 во Индија, поточно во јужната држава Тамил Наду. Целта на Apple е да го диверзифицира своето производство и да најде алтернатива за Кина поради растечките тензии меѓу Вашингтон и Пекинг, пренесува CNB.
Американската администрација презеде повеќе активности за да го ограничи протокот на клучни технологии и американските инвестиции во Кина, а Пекинг, исто така, воведе ограничувања за продажба на некои американски полупроводници.
Apple неодамна го зголеми производството на iPhone во Индија на седум отсто од вкупното глобално производство, според соопштението од април, потсетува Bloomberg. Американскиот технолошки гигант вообичаено најавува нова серија производи во септември, а се очекува Apple да ја ажурира камерата и да ги подобри процесорите во своите Pro модели.