Програмата на ВМРО-ДПМНЕ е препишана програма „Србија 2030“, оценува СДСМ


Салата „Jасмин“ во Kавадарци каде што се одржа конгресот на ВМРО-ДПМНЕ

 

Ништо ново, ништо визионерски, туку само препишана програма од властите во Белград за Србија во 2030. Вака денеска СДСМ го оцени усвојувањето на програмата „Ново поглавје – Стратегија Македонија 2030“ на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во саботата, на кој за лидер повторно беше избран Христијан Мицкоски. СДСМ вели дека целата програма е научна фантастика, како во ВМРО-ДПМНЕ да работат луѓе од НАСА.

„Програмата се заснова на шест столбови. Столбовите се силни, симболика на темелот на општеството, на нив сè почива. Можеби се религиски. Шесте дена на библиското создавање? Не е сигурно. Веруваме дека ова го напишале набрзина“, вели СДСМ и ги анализира шесте столбови.

За првиот столб. „Национална безбедност – модерна армија“, опозициската партија вели дека СДСМ го реши тоа во 2020 година кога ја внесе Македонија во НАТО ѝ ја обезбеди заштитата од сите 32 членки на алијансата.

За вториот столб, „Економска конкурентност, промена на моделот на евтина работна сила“, СДСМ вели дека во времето на владеењето на ВМРО (2006–2017), Македонија привлекуваше странски инвестиции токму преку ниски плати и даночни олеснувања, што доведе до одлив на мозоци. „Повеќе од 600.000 луѓе ја напуштија земјата. Денеска странските инвеститори ја напуштаат Македонија. Оваа година имаме пад од околу 600 милиони евра. Не знаеме како мислат да го сменат ова, освен ако не мислат на мигранти?“

За третиот столб „Правна држава“ СДСМ вели дека тоа е хумор и многу смеење од што може да те забили стомакот.

За четвртиот – „Поддршка за младите, програми за поврат на дијаспората“, опозициската партија вели ВМРО-ДПМНЕ да не ги помешале мигрантите со младите. „Мигрантите не се нашата млада дијаспора, иако за мигрантите се добива 20.000 фунти по човек (звучи интересно), но целната група е промашена“.

За петтиот столб, „Европска интеграција“ СДСМ вели дека требало да се нарече „Црна точка на ЕУ“. „Се повикуваш на патриотизам. Ја чуваш земјата од предавници. Го пушташ европскиот коридор да ја заобиколи земјата, не правиш реформи. Главно, правиш сè спротивно од соседите во регионот, кои во 2028 година стануваат членки (на пример, Црна Гора или Албанија). Ова сигурно ќе даде резултати“, вели СДСМ во соопштението.

Темелите на шестиот столб,„Образованието, културата и националниот идентитет“, ги постави Никола Груевски со проектот „Скопје 2014“. „Можеби треба да се продолжи – да се нарачаат уште лавови и стиропор за антички згради. Во однос на културата, можеби да се направи уште еден уметнички мост. Школите тогаш беа прескокнати, можеби и сега не се толку важни. Можеби да се напише уште една книга по историја, да се додаде малку антиквизација.

Националниот идентитет? Тоа барем е лесно. Правиш поделби во општеството на патриоти и предавници. Тука треба многу медиумски простор, но е брзо и лесно изводливо. Ете ти европски вредности.

Оваа научно-технолошка револуција на ВМРО ја доведува во прашање Дарвиновата теорија на еволуција, па се прашуваме, дали сме мајмуни?“, вели СДСМ во соопштението.