Програма за размена на студенти и научници во рамки на соработката со Полска


Фото: Б. Грданоски

 Полската национална агенција за академска размена – NAWA известува дека во академската 2023/2024 година реализацијата на билатерална соработка во областа на високото образование и науката од страна на Полска ќе биде спроведена во рамки на „Програмата за размена на студенти и научници како дел од билатералната соработка – понуда за дојдовни студенти и научници“ (Exchange Programme for students and scientists as part of the bilateral cooperation – offer for incoming students and scientists – Zawacka NAWA Programme).

Како што објави МОН, според полската позиција во рамките на Берлинскиот процес, Полската национална агенција за академска размена ќе додели стипендии за македонски истражувачи и студенти за академската 2023/2024 година, во вкупно времетраење од 20 месеци за научно-истражувачка пракса и за едносеместрални студии, на универзитети и институции кои се во надлежност на министерот за наука и високо образование на Република Полска.

-Стипендијата изнесува 1.500 PLN месечно за магистерски студии и најмалку 3.000 PLN за истражувачи со докторат на науки. Почнувајќи од академската 2022/2023 година NAWA ги прифаќа и Еразмус+ студентите, кои би можеле да ја комбинираат стипендијата NAWA и стипендијата Еразмус+. Исто така, во прилог е понудата за македонски студенти и истражувачи во рамките на Програмата за размена на студенти и истражувачи како дел од билатералната соработка – Програмата Zawacka NAWA. Како и обично, ги охрабруваме студентите и истражувачите од Република Северна Македонија да учествуваат во други програми на NAWA како што се Ulam NAWA и Banach NAWA, се наведува во објавата на Министерството за образование и наука.

Во објавата на веб-страницата на МОН се наведени потребните документи за поднесување на кандидатурите и подетални информации.

Апликацијата заедно со потребните документи треба да бидат доставени до Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија до 15 април 2023.