Професорот Тони Дескоски објаснува како Македонија ја доби арбитражната битка за „Казандол“


 

Универзитетскиот професор Тони Дескоски во објава на Фејсбук ја објасни правната битка и значењето на арбитражната постапка за случајот со рудникот „Казандол“, во која Македонија доби позитивна пресуда. Тој нагласува дека ваквиот исход е резултат на сложена работа на адвокатски тимови и експерти, со ангажман и на меѓународна адвокатска фирма специјализирана за инвестициска арбитража. Дескоски посочи дека оваа арбитража е една од петте покренати против државата во последните години, при што сите завршиле во корист на Македонија, што претставува значаен сигнал за странските инвеститори и показател за стабилноста на правниот систем.

Вчера вицепремиерот Александар Николоски и денеска премиерот Христијан Мицкоски се фалеа за тоа како државата го добила овој спор откако владата на Зоран Заев во 2018 го раскина договорот со украинската компанија „Сардич“ за отворање на рудникот во обласите на Валандово и Богданци. Концесијата за „Казандол“ ја даде претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ во 2015 година, по што следеа големи протести на локалното население и неколку референдуми.

Дескоски во објавата вели дека победата на државата во инвестициската арбитража за одземената концесија за рудникот „Казандол“ не е случајна. Таа е „резултат на долготрајна и макотрпна работа на огромен тим составен од адвокати и правници, но и на агажираните вешти стручни лица од најразлични области. Ангажманот на најреномираната меѓународна адвокатска фирма за инвестициска арбитража White &Case, сам по себе говори за сериозноста на пристапот на државата во овој случај.

Инвестициската арбитража е инструмент создаден од богатите западни земји, со цел на своите инвеститори да им овозможат директна арбитражна заштита против арбитрерното постапување на странските држави во кои го вложуваат својот капитал.

Инвестициската арбитража има една карактеристика која е посебно незгодна инструмент за земјите увознички на капиталот, а тоа е целосното преиспитување на постапките на нивните државни органи од страна на независни лица – арбитри. С. Македонија е земја увозничка на странски капитал и уште по независноста правилно се определи за отворена економија, но и за склучување на билатерални инвестициски договори со голем број на водечките економии во светот, но и со најзначајните економски партнери.

Инвестициската арбитража за концесијата ‘Казандол’ произлезе токму од еден таков билатерален договор, оној со Украина од 1998 година. Таа е една од петте инвестициски арбитражи кои беа покрената против Република Македонија во еден краток (‘Кунико’ за ФЕНИ, Блажо Тасев за САСА, ‘Бинаниеви’ за ‘Тораница’, Артем Скубенко и др. за ‘Казандол’ и ‘Гама Гуч’ за ТЕ-ТО), а кои сите завршија во полза на државата.

На страната на украинските инвеститори кои тврдеа дека арбитрерно им е раскинат концесискиот договор од владата беше адвокатски тим предводен од Чери Блер, сопругата на поранешниот Британски премиер Тони Блер. Меѓу бројните ангажирани вештаци-експерти од нивната страна беа и две професорки од Правниот факултет во Скопје, Гордана Лажетиќ и Родна Живковска. Очигледно ни тоа не помогна за да се докажат тврдењата за арбитрерно постапување на државата спрема украинските инвеститори. Пресуди арбитражен совет предводен од врвен англиски адвокат Али Малек, но во советот беа и две величини на инвестициската арбитража, Станимир Александров, ангажиран од тужителите и Јан Паулсон, ангажиран од тужената држава.

Победата во инвестициската арбитража за ‘Казандол’, но и победите во другите инвестициски арбитражи државата треба да ги искористи за промоција на С. Македонија како безбедна дестинација за странските инвеститори. Секако, и Правниот факултет може да се пофали со ангажманот на своите професори на страната на државата“, пишува професорот Тони Дескоски.