Професори кај Сиљановска: Бришењето на предметот филозофија е деградирање
Четворица професори од Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет ѝ кажаа дeнеска на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова дека планот на Министерството за образование за бришење на предметот филзофија за гимназиското образование се деградирачки и неприфатливи. Исто како и отсранувањето на предметите логика и етика.
Во соопштението од кабинетот на Сиљановска се вели:
„На средбата, професорите изразија категорично противење на бришењето на предметот филозофија од корпусот на задолжителни предмети, како и на отстранувањето на предметите логика и етика од категоријата изборни предмети од наставниот план.
За нив, ваквото решение е деградирање на овие темелни хуманистички науки што е противречно на прокламираните цели на концепцијата: развивање на критичко размислување, истражувачките способности и вештини за решавање проблеми; поттикнување на самодоверба; свесност за индивидуалноста и одговорност за сопствените постапки; градење национален, етички и културен идентитет, како и почитување на историјата и културното наследство и подготовка за одговорно граѓанство и активно учество во демократскиот живот.
Ваквата промена за професорите е сериозен чекор назад во развојот на личноста на младите луѓе и нивната подготовка за соочување со современите предизвици.
Претседателката, како долгогодишна професорка, изрази разбирање за нивните ставови и заложби, акцентирајќи ја важната улога на Филозофијата, Логиката и Етиката во обликувањето на интелектуалната и морална димензија на карактерот на младите луѓе“.
Сиљановска, според соопштението, изразила доверба во „реформската ориентација и уверување дека забелешките на Институтот за филозофија ќе бидат анализирани со должно внимание и земени предвид при креирањето на конечните решенија“.