Продолжуваат мигрантските бранови на грчките острови Крит и Гавдос
За нешто повеќе од 24 часа, во морскиот дел во близина на грчките острови Крит и Гавдос биле спасени над 1.300 мигратни, а според министерот за миграција и азил на Грција, Танос Плеврис, „изминатите 48 часа се најтешки од почетокот на годината“ и тој оцени дека на Крит во моментов има околу 2.500 лица, јави дописничката на МИА од Атина.
Во текот на вчерашниот ден проценките се дека на Крит и Гавдос пристигнале над 30 чамци со над 1.700 лица, поголемиот дел од нив биле спасени од крајбрежната служба на Грција, а останатите, околу десет чамци пристигнале самостојно на копно.
Утрово биле спасени 246 мигранти со четири чамци и биле безбедно пренесени на пристаништа.
Министерот за миграција и азил на Грција во интервју за телевизијата „Скај“ посочи дека мигрантите кои пристигнуваат на Крит пред сè се Суданци, но исто така во значителен број, се и државјани на Бангладеш.
– Специфичноста во овие три дена е поради состојбата во Либија. Поради нападите таму, либиските сили, вклучително и крајбрежната служба, ги концентрираа своите капацитети на конкретни локации што се сметаат за потенцијални цели, со резултат да останат целосно незаштитени деловите од кои тргнуваат мигрантите, па соработката што постоеше во изминатите 15 дена во моментов не постои. Не постои никаква одбрана од либиска страна, објасни Плеврис.
Тој додаде дека изминатите 48 часа се најтешки од почетокот на годинава и посочи дека се во постојана комуникација со Министерството за поморство, во чија надлежност е крајбрежната служба, која управува со прашањата поврзани со граничната контрола.
Министерот објасни дека во текот на следнава недела, со брод, мигрантите од Крит ќе бидат префрлени во прифатни центри, во зависност од нивниот профил: оние кои немаат статус на бегалци, ќе бидат префрлени во затворени центри, а оние кои имаат таков статус, во отворени центри.
Откако вчера чамец со 43 мигранти удри во карпа во близина на Гавдос, животот го загубија две лица и четворица беа повредени, за што министерот за миграција и азил на Грција рече дека бегалците, но и мигрантите кои заминуваат од економски причини стануваат предмет на експлоатација на криумчарите.
– Криумчарите не размислуваат за ништо, а рутата од Либија кон Италија или Грција практично стана една од најсмртоносните миграциски рути. Растојанието до Гавдос изнесува околу 170 наутички милји. Приближно толку е и до Италија, односно до Лампедуза, можеби малку помалку. Замислете, тие ги качуваат луѓето во чамците дури и кога морето е со бранови од пет, шест или седум Бофори, при што постои голема опасност овие луѓе воопшто да не стигнат до целта, посочи Плеврис.