Продолжен притворот за 10 уапсени поради уривање на настрешница во Нови Сад
Високиот суд во Нови Сад го продолжи притворот 30 дена за Небојша Шурлан, Слободан Наумовиќ, Јулиjана Милиќ Марковиќ, Марина Гавриловиќ, Дејан Тодоровиќ, Милан Јелкиќ, Зорика Славковиќ Марјановиќ, Душан Јанковиќ, Милан Спремиќ и Јасна Стоиљковиќ Милиќ, кои беа уапсени по падот на натстрешниците на железничката станица во тој град на 1 ноември минатата година, пишува N1 Србија.
Против ова решение странките и бранителите имаат право на жалба. Покрај овие десет, во домашен притвор се уште двајца осомничени, од кои едната е поранешната в.д. генерален директор на железничката инфраструктура на Србија, Јелена Танасковиќ.
Поранешниот министер се брани од слобода
Поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ се брани од слобода бидејќи по неколку дена минати во притвор, судот му го укина притворот прифаќајќи ја жалбата на неговиот бранител.
Кривичните дела за кои се товарат осомничените се со затворска казна од две до 12 години, соопштија претходно од обвинителството.
Во уривањето на настрешницата загинаа 15 лица, а двајца тешко беа повредени. Овој настан беше поттик за студентски и граѓански протести, кои продолжуваат оттогаш.