Продаден еден од најголемите производители на масло за јадење во регионот
„МК ГРУП“ го презема „Дијамант“ од „Фортенова Груп“, една од најголемите прехранбени и земјоделски компании во регионот.
Двете компании потпишаа договор за купопродажба со кој „МК Груп“ треба да стекне 100 проценти од акциите во „Дијамант“ од Зрењанин, што се смета за една од најголемите аквизиции во земјоделско-прехранбениот сектор во регионот Адрија во последните години.
Завршувањето на трансакцијата зависи од одобрението од надлежните регулаторни органи за заштита на конкуренцијата на пазарот.
МК Групацијата вели дека ова е стратешки чекор што дополнително ја зајакнува нивната дивизија за земјоделско-прехранбени производи и нивната долгорочна амбиција да бидат водечки регионален играч во прехранбената и земјоделската индустрија. Генералниот директор на МК Групацијата, Михаило Јанковиќ, истакна дека трансферот на знаење и искуство ќе овозможи понатамошни подобрувања во производствените процеси, квалитетот и иновациите во „Дијамант“, со додадена вредност за вработените, потрошувачите и партнерите.
Со оваа продажба, групацијата „Фортенова“ го заклучува повеќегодишниот процес на излегување од земјоделскиот бизнис. Извршниот директор на групацијата „Фортенова“, Фабрис Перушко, изјави дека во последните години компанијата го стабилизирала работењето на „Дијамант“, ги подмирила старите долгови и инвестирала повеќе од 40 милиони евра сопствени средства во модернизацијата на фабриката, со што се дуплирале производствените капацитети и се зајакнала нејзината пазарна позиција.
Перушко рече дека со оваа трансакција, „Фортенова“ го завршува своето излегување од земјоделската индустрија и индустријата за масло за јадење и го префрла својот стратешки фокус кон трговијата, логистиката, комерцијалните недвижности и секторот за пијалоци. Тој додаде дека „Фортенова“ ќе обезбеди целосна поддршка за транзицијата, така што процесот ќе се спроведува во интерес на вработените и бизнисот.
„Дијамант“ е најголемиот производител на масла за јадење во Србија и еден од водечките регионални производители на маргарин, растителни масти и мајонез. Компанијата вработува повеќе од 720 работници, работи во три сегменти – земјоделство, производство и дистрибуција – и извезува на пазарите на 16 земји. Вкупните годишни приходи надминуваат 175 милиони евра.
„МК Груп“ работи во земјоделството, прехранбената индустрија, енергетиката, туризмот и недвижностите, присутна е во Србија, Хрватска, Словенија и Црна Гора и вработува повеќе од 4.000 луѓе.