Процесот за уставните измени не завршува на 31 декември, вели Ковачевски


Фото: Б. Грданоски

 

Седницата за уставните амандмани е отворена, дневниот ред е изгласан и се отвори дискусија во која што сите граѓани се уверија дека немаше ниту една забелешка во однос на поднесените амандмани. Процесот по 31 декември не се затвора. Тој ќе биде отворен се додека не биде реализирана обврската која Македонија ја има согласно преговарачката рамка, изјави премиерот Димитар Ковачевски.

Ковачевски на новинарско прашање што ќе се случи со уставните измени со оглед на тоа што крајот на година е крајниот рок за отворање на поглавјата, посочи дека тие уште се на дневен ред.

„Дневниот ред е изгласан и се отвори дискусија во која што сите граѓани се уверија дека немаше ниту една забелешка во однос на поднесените амандмани. Ако имаше забелешка во однос на поднесените амандмани, дискусијата уште ќе траеше. Амандманите беа подготвени од страна на врвни експерти во Комисијата формирана од Владата преку Министерството за правда, а имаше дополнително и претставници на политичките партии. Единствено опозициската политичка партија не сакаше да учествува. Тие всушност не сакаат да учествуваат во ниту еден процес. Тие не учествуваат ниту во тоа што им е работа“, изјави денеска Ковачевски по посетата на фабриката „АТС АММО“ во Македонски Брод.

Тој рече дека процесот ќе биде отворен сѐ додека не биде реализирана обврската која што Македонија ја има согласно преговарачката рамка и согласно заклучоците на Собранието, кои се донесени со мнозинство по број на пратеници од доминантниот број на политички партии во државата.