Признанието „Актерот на Европа“ врачено на португалската актерка Марија До Сеу Гера


Со врачување на престижното признание „Актерот на Европа“ за 2019 година на португалската театарска и филмска актерка Марија До Сеу Гера, која е основач на култниот театар „Барака“ од Лисабон, синоќа во предворјето на Ресенскиот Сарај почна 17.  Интернационален театарски фестивал „Актерот на Европа“.

Добитничката на највисокото признание на манифестацијата До Сеу Гера изрази задоволство што е во Преспа и што нејзиното име ќе биде запишано во европската културна меморија, заедно со други такви актерски величини, добитници на наградата.

За посебни достигнувања во областа на промоција на Преспа, наградата „Клучевите на Преспа“ им беше врачена на Агим Пољоска од Северна Македонија и Захари Иванов од Бугарија. Повелбата „Балканот – срцето на Европа“ ја добија Стојан Андов од Северна Македонија, Ставрос Ѕимас од Грција и Кјутим Чашку од Албанија

Според градоначалникот на Ресен Живко Гошаревски, 17 години по прогласувањето на Преспанското Езеро за меѓуграничен европски парк меѓу нашата земја, Грција и Албанија, визијата за кулутурно поврзување со соседите станува повеќе од реалност.

– Но, ова поврзување не е само кулутурно, со огромен број заеднички прекугранични проекти, одлична соработка и неисцрпливи потенцијали – визијата за влез на нашата држва во Европската Унија е се пореална и повидлива. Сите проекти, настани, акции и промоции, што со заеднички сили ги покреваме и учествуваме, се со крајна цел за зближување на народите од трите страни на Преспанското Езеро, нагласи Гошаревски.

Наредните денови, како што рече, на крилјата на пријателството, уметноста и театарот, Преспа ќе биде културен центар на Балканот и ќе живее во духот на највисоките културни вредности коишто можат да се достигнат.

– Нашите пријатели од соседството со нивната актерска магија ќе ни го исполнат срцето со емоции кои можат да се почувствуваат само низ театарската драма, комедија и трагедија, додаде ресенскиот градоначалник.

Наредните денови Преспа ќе биде домаќин, како на театри од земјава, така и од соседството, меѓу кои од Бугарија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора.

Фестивалот завршува на 11 јули со прогласување на победниците и врачување на наградите за најдобрите театарски достигнувања на годинашното издание.

Интернационалниот театарски фестивал „Актерот на Европа“ беше востановен пред 17 години кога Европскиот парламент го прогласи Преспанското Езеро за меѓуграничен европски парк меѓу Македонија, Грција и Албанија. Група европски и македонски интелектуалци го покренаа Интернационалниот театарски фестивал, на бреговите на Преспанското Езеро, кој секоја година ќе го слави како голем подвижник на историјата, „Неговото величество актерот“.

По оваа оригиналност „Актерот на Европа“ го препознаваат насекаде во светот величествените европски имиња како Љуба Тадиќ, Брус Мејерс, Раде Шербеџија, Ана Патерсон, Милена Зупанчич, Јон Карамитру, Зијах Соколовиќ, Костас Гакидес, Ирина Евдокомова, Димитри Орготска…

Фестивалот на кој до сега учествувале околу 200 претстави од скоро сите европски земји, се одржува во организација на „Езеро без граници“, Општина Ресен и Универзитетот за аудиовизуелни уметности.