Признаа вина за криминал со културни артефакти, повеќето добија ефективни казни затвор
Осуммина обвинети кои се занимавале со криминални постапки поврзани со културни артефакти и ги изнесувале во странство денеска признаа вина, но повеќето од нив добија ефективни затворски казни. Кодното име на овој случај е „Багер“, а обвинителството за организиран криминал ги соопшти исходите од денешното прво рочиште.
„Сите обвинети сториле кривично дело Злосторничко здружување, а првообвинетиот С.Џ. (47) врз основа на признание дека ги сторил и кривичните дела прикривање, оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или културни реткости, изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје е осуден на единствена казна затвор во траење од 5 години и 2 месеци“ соопштува обвинителството.
На четворица обвинети М.С. (42), Г.К. (45), И.С.(48) и М.Џ. (37) судот им изрече алтернативна мерка – условна казна затвор од две години која нема да се изврши доколку обвинетите во рок од пет години од правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело.
Д.Р.(36) кој беше обвинет и за кривичното дело изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство, врз основа на признание на вина судот му изрече единствена казна затвор во траење од 2 години и 6 месеци. Т.А. (58) е осуден на 3 години и 8 месеци, соопштија од Јавното обвинителство. Додека Р.З. (28) кој го призна делото доби затворска казна од 3 години и 2 месеци.
За останатите тројца обвинети судењето е во тек, соопштија од обвинтелството.