Приведени се двајца скопјани кои пренесувале низ земјава 14 мигранти, се обиделе и да избегаат


Денеска, во утринските часови на магистрален пат кај селото Смоквица и кај клучка Демир Капија приведени се две лица од Скопје поради криумчарење на мигранти.

Во извештајот на Министерството за внатрешни работи (МВР) се наведува дека на 13.07.2022 околу 05.00 часот на магистрален пат кај с.Смоквица и кај клучка Демир Капија, полициски службеници од Полициската станица за Граничен премин Богородица ги лишиле од слобода И.С.(31) и А.М.(30), двајцата од Скопје. При преглед во патничко возило „Ауди“, со битолски регистарски ознаки, биле пронајдени 14 лица мигранти (13 од Сирија и еден од Пакистан), а И.С. се обидел да избега, но бил фатен и лишен од слобода. Додека, А.М. бил запрен со неговото возило „Ауди“, со скопски регистарски ознаки, поради сомнение дека помагал во извршување на делото.

Претходно, кај с.Удово двете возила не застанале на знак за запирање даден од полициските службеници, но набргу, на крстосницата за с.Смоквица бил запрен А.М. со неговото возило, а малку подоцна кај клучка Демир Капија бил фатен и И.С..

Двете лица биле приведени во полициска станица, а мигрантите биле сместени во Прифатно-транзитниот центар во Гевгелија. За настанот бил известен Јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.