Приведени 39 дилери на дрога и оружје, апсења во Битола, Прилеп, Демир Хисар и Македонски Брод

Во мај на подрачјето на Битола, Прилеп, Демир Хисар и Македонски Брод, биле приведени 39 лица поврзани со недозволена трговија со дрога и оружје. При акциите биле запленети различни видови наркотични и психотропни супстанции, како и огнено оружје и муниција од различен калибар.
Како што информираат од СВР Битола, заплената вклучува марихуана, кристална и прашкаста материја, шприцеви со течност, дигитални ваги, како и пушки и пиштоли.
„СВР Битола само последниот месец мај во Битола, Прилеп, Демир Хисар и Македонски Брод лиши од слобода 39 лица, истите дилери на дрога и оружје и заплени поголемо количество на дрога и психотропни супстанции (марихуана, семки од канабис, шишиња и шприцеви со течност, габична материја, грутчеста материја, прашкаста материја, паковки со кристална материја , дигитални ваги, предмети со остатоци од растителна и прашкаста материја како и пронајде различна количина огнено оружје (пушки, пиштоли, и муниција различен калибар). Притоа , извршени беа 9 претреси во куќи и станови и тоа по чл.215 „Недозволена трговија со дрога и психотропни супстанции” извршени беа 3 претреси и по чл. 396 „Недозволено изработување, држење и тргување со оружје и распрскувачки материи” извршени беа 6 претреси како и 7 преглед на лица и 6 патнички моторни возила при што одредени беа два притвори во траење од 30 дена. При преземање на мерки и активности за откривање на овој тип на кривични дела односно при преглед затекнати со дрога беа тројца малолетници на подрачје на Битола и два странски државјани на подрачје на Демир Хисар. Полициски службеници од СВР Битола продолжуваат со преземање на интензивни мерки и активности во откривање и реализација на кривични дела во борбата со недозволената трговија со дрога и оружје како и секаков вид на криминал на подрачјето на СВР Битола“, вели портпаролката Сања Стаматова од МВР.