„Приватни демони“ – изложба на Јаневска и Жерновски во МКЦ
„Приватни демони“ е насловот на изложбата на фотографии на фоторепортерката и дипломиран архитект Маја Јаневска Илиева, во соработка со ликовниот уметник Велимир Жерновски.
Интердисциплинарната изложба, која е експериментално – колаборативен проект на Јаневска Илиева со Жерновски е поставена во горното фоаје на Младинскиот културен центар во Скопје, во рамки на саемот на уметност „Ин Ситу“. Официјалното отворање на саемот во МКЦ е во четврток, со почеток во 21 часот, кога посетителите ќе може да ја погледаат и изложбата на Јаневска Илиева и Жерновски.
Станува збор за 24 фотографи, двострано поставени на 12 панели, кои не се закачени на ѕид, туку лебдат во воздух. Фотографиите, како што објаснува авторката Јаневска, се однесуваат ма истиот простор. Од едната страна се поставени фотографии што се снимени преку ден, а од другата страна има ноќни фотографии, на кои Жерновски интервенира светлински, користејќи го мракот за цртање фантастични фигури.
Со тоа, вели Јаневска, просторот добива приватен карактер без да се нарушува неговата јавност.
-Темата на годинешниот саем „Ин ситу“ е „Вкрстување“ и ние се потрудивме да одговориме најсоодветно на неа, користејќи го јавниот простор како приватен, вели Јаневска Илиева.
Изложбата „Приватни демони“ се состои од диптиси, серија од две фотографии снимени на иста локација, но на различна светлинска изложеност. Првата е преку ден, на сончева светлина, и го претставува сегментот од јавниот простор во неговата реална состојба. На втората фотографија, во друг светлински третман – ноќе, истиот простор станува приватен и личен. Светлинската интервенцијата на Жерновски е миговна и го оплеменува јавниот просторот интимно, не одземајќи му ништо од неговиот заедничкиот карактер.