Притвор за камионџијата за сообраќајката на обиколница


Скопското обвинителство побара, а судија на претходна постапка му одреди осумдневен притвор на возачот на камионот и го сомнични дека ја предизвикал сообраќајката во која загина сопатник во автомобил „БМВ“ и еден полицаец. Камионџијата се гони за кривично дело тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот.

Според обвинителството, вчера попладне кога се случи сообраќајката на автопатот Скопје – Тетово – Обвиколница на Град Скопје, осомничениот управувал камион МАН со скопски регистерски таблици.

Кога дошол пред надвозникот Визбегово, не се движел по средината на сообраќајна лента и не ја приспособил брзината на условите на патот и на густината на сообраќајот. Од тие причини не можел навреме да го запре камионот и удрил во задниот лев дел на автомобил БМВ со гостиварски регистарски ознаки, кој бил запрен во десната сообраќајна лента заради контрола од страна на мобилна сообраќајна полициска екипа. Од силата на ударот, патничкото моторно возило БМВ се придвижило нанапред и удрило во паркираниот полициски автомобил Шкода Јети и во метална одбојна ограда покрај патот. Автомобилот БМВ се запалил, а сопатникот во возилото се здобил со изгореници и починал на лице место. Полициското возило исто така се придвижило нанапред и удрило во пешаците – возачот на автомобилот БМВ кој бил излезен надвор од својот автомобил и двајца полициски службеници.

Сите тројца се здобиле со телесни повреди и биле пренесени во Ургентниот центар, каде еден од полицајците почина.