Пристапот до мрежа на сметките за струја ќе биде укинат во мандатот на оваа Влада, вели Мицкоски


За ветувањето дека ќе се укине давачката за пристап од 200 денари на сметките за потрошена електрична енергија за граѓаните, премиерот Христијан Мицкоски вели дека ќе биде укината во текот на мандатот на оваа Влада.

-Во овој момент работиме на консолидирање на електроенергетскиот сектор и мислам дека Регулаторната комисија за енергетика ги прави пресметките. Кога тие ќе бидат готови ќе донесеме одлука која што е најважна и најдобра за граѓаните, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање по поставувањето камен-темелник на новото основно училиште „Крсте Мисирков“ во скопската населба Ченто.

Во насока на консолидација, како што посочи, е и одлуката да не се префрлаат пари на АД ЕСМ, туку самата компанија преку кредит да си ги плати старите долгови.

-Пари на Државни електрани се префрлувале. Поентата е сега со работењето на ова раководство да се консолидира компанијата и помалку да се префрлаат. Тоа е суштината. Кредитот којшто е земен е за да ги плати старите долгови наследени од претходното раководство во големина од пет милијарди денари и тоа се средства коишто се наследени од претходно. Заемот е земен по исклучително поволни услови, ќе има и грејс период од две-три години, доволен период за да може компанијата да се консолидира, рече Мицкоски.