Прилепскиот театар го одбележува денот на театарот со надеж за нов објект

Ансамблот на театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп работно, но и со голема надеж за нов објект, го одбележува Светскиот ден на театарот 27 март. Цел ден се работи на подготовка на првиот од четирите проекти за годинава – „Арапска ноќ“ во режија на Зоја Бузалковска, а вечер, во чест на Денот на театарот, ансамблот ќе ја изведе претставата „Пиреј“ во режија на Љупчо Ѓорѓиевски.

Ќе бидат прочитани меѓународната и македонската театарска порака. Нагласена е надежта дека догодина ќе почне изградбата на новиот театар во склоп на Центарот за култура „Марко Цепенков“.

Според прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, идејното решение е готово, ќе се менува деталниот урбанистички план, а до крајот на годинава да биде готов основниот проект за што се обезбедени средства од Министерството за култура.

-Се надевам дека до крајот на годинава ќе почнеме со реализацијата за нов театар. Изготвено е идејното решение за театарот, во постапка е основниот проект и промената на деталниот урбанистички план каде што треба да биде новиот театар. Министерството за култура има издвоено средства за основниот проект и до крјаот на оваа година ќе биде направен проектот, за следната година да почне изградбата на новиот театар. Тоа ќе биде поттик на сите во ансамблот за поуспешна работа, рече Јованоски. Тој го посети ансамблот во стариот објект кој се реновира, но сè уште е на работ на достоинствените услови за работа.

Според Менче Караџоска, директор на Центарот за култура „Марко Цепенков“, извесно е дека ќе се остварат надежите на актерската екипа која е една од најмладите во земјава, а ансамблот е единствен од македонските кој во 10 години пет пати имал најдобра претстава на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

-Ансамблот работно го одбележува Светскиот ден на театарот. Се работи на подготовките на првиот од четирите проекти за годинава – претставата „Арапска ноќ“ во режија на Зоја Бузалковска. Сметам дека ансамблот ќе го оствари својот сон – новата театарска зграда и ќе продолжи да работии да ниже нови успеси во многу подобри услови. Иако полека се реновира и старата театарска зграда – обновени се покривот, фоајето, а годинава имаме побарано средства од Министерството за култура за нови зафати, рече Караџоска.