Пријателите и обожавателите на Путин на мака
Екстремно десничарските политичари, кои поминаа години фалејќи го рускиот лидер и неколку недели минимизирајќи го ризикот од инвазија, сега го преоценуваат Путин и придобивката да се биде во неговиот круг

РИМ – Со години, глобален хор од десничарски политичари рецитира пофалби за Владимир Путин. Тие гледаа на рускиот моќник како бранител на затворените граници, на христијанскиот конзерватизам и на мачизмот со голи гради во ерата на либералната политика и западната глобализација. Митот за него беше суштински дел од популистичката книга. Но, дивјаштвото на Путин во Украина, за кое многу од неговите десничарски поддржувачи рекоа дека тој никогаш нема да го направи, го преобрази рускиот претседател појасно како глобална закана и плашило кое има амбиции да прави империја, меѓудругото заканувајќи се дури и со нуклеарна војна и европска нестабилност.
За многумина од неговите долгогодишни обожаватели – од Франција до Германија и од САД до Бразил – тој станува непријатна тема. Дамката на новата репутација на Путин се заканува да ги извалка и неговите политички следбеници.
„Тоа ќе биде решавачки удар за нив“, рече Лусио Карачоло, уредник на италијанското геополитичко списание „Лајмс“, кој ја сметаше инвазијата на Путин за ирационален и потенцијално политички самоубиствен потег. Тој смета дека членовите на меѓународната ултрадесница кои уживале посебен однос и финансиска поддршка од Путин се „во сериозна неволја“.
„Тие ги ставија сите нивни јајца во иста корпа“, рече Карачоло. „И корпата сега се скрши“.
Можеби никој не ја покажува дилемата повеќе од Матео Салвини, водечкиот десничарски политичар во Италија, кој не се извини што беше обожавател на Путин. Салвини носеше кошули со ликот на Путин на Црвениот плоштад во Москва и во Европскиот парламент. Рече дека го претпочита рускиот претседател пред италијанскиот и непрекинато ги повторуваше повиците на Путин да се прекинат санкциите што веќе постоеја врз Русија поради нејзината анексија на Крим. Тој ги исмеваше оние кои тврдеа дека е во џебот на Путин велејќи: „Го ценам бесплатно, не за пари“.
Како и некои други десничарски лидери, тој сега се обидува да се протне низ најтесните игли со осудата на насилството, фокусирајќи се на Русија, но не на Путин лично, или осудувајќи го насилството, но барајќи изговори за него со анти-НАТО реторика. Додека некои од неговата група признаа дека можеби погрешно го оцениле Путин, Салвини не е подготвен да направи таква отстапка.
Во четвртокот, тој на Твитер напиша дека цврсто осудува „секаква воена агресија“, а потоа стави цвеќе во украинската амбасада. На крајот призна дека Русија е воен агресор, но се чини дека сè уште има проблем да се натера себеси да го критикува и Путин во истата реченица.
„Ме разочара човечкото суштество кое во 2022 година се обидува да реши економски и политички проблеми со војна“, рече Салвини во интервју за радио. (Потпаролот на Салвини, Матео Пандини, инсистираше на тоа дека тој исто така рекол „Путин започна војна и затоа Путин греши“, но не можеше да посочи каде го кажал тоа.)
Италијанецот е дел од познато друштво, кога станува збор за европските лидери кои сега се борат да го издржат притисокот поради својата мината поддршка на Путин. Во Франција, војната на Путин предизвика политички болен, а можеби и скап упад во претседателските избори закажани за во април. Екстремно десничарските кандидати, кои поминаа години фалејќи го рускиот лидер и неколку недели минимизирајќи го ризикот од инвазија, сега го преоценуваат Путин и изборната придобивка да се биде во неговиот круг.
Марин Ле Пен, лидер на екстремно десничарската партија Национално движење ,доби заем од руска банка, претходно изјавуваше дека руската анексија на Крим не е нелегална и го посети Путин во Москва пред последните претседателски избори во 2017 година. Иако таа се противи на НАТО, сепак во петокот ја осуди воената агресија на Путин, велејќи: „Мислам дека тоа што го направи е целосно за осуда. Тоа делумно го менува мислењето што го имав за него“.

Нејзиниот екстремно десничарски ривал во претседателската кампања, Ерик Земур, во минатото ја нарече „сон“ можноста да се појави француски еквивалент на Путин и се восхитуваше на напорите на Русија да ја врати „империја во опаѓање“. Како и многу други ентузијасти за Путин, тој се сомневаше дека инвазијата ќе се случи и ги обвини Соединетите држави за ширење на, како што рече, „пропаганда“. Но, во четвртокот, тој, исто така, ја осуди инвазијата, велејќи дека „Русија ниту била нападната, ниту директно загрозена од Украина“ во говорот одржан на говорницата на која, за да бидат работите појасни, покажа знак на кој пишуваше: „Целосно ја осудувам руската воена интервенција во Украина“.
Во Британија, Најџел Фараж, клучниот поборник за Брегзит, не веруваше дека Русија ќе ја нападне Украина.
„Па, згрешив“, напиша тој на Твитер во четвртокот, иако остана на ставот дека Европската унија и НАТО непотребно ја испровоцираа Русија со проширување. „Путин отиде многу подалеку отколку што мислев дека ќе направи“.
Другите десничарски сили ширум Европа се обидуваат да го осудат насилството, но да избегнат да ја префрлат вината за тоа на Путин. Александар Гауланд, клучна фигура во германската екстремно десничарска партија Алтернатива за Германија, позната по германските иницијали AФД, во четвртокот изјави дека инвазијата е „резултат на минатите неуспеси“ и ја префрли вината на проширувањето на НАТО кон исток што, според него, е кршење на руските „легитимни безбедносни интереси“. Путин е попопуларен во источниот дел на Германија, каде што АФД има своја политичка база и каде што порано владееше комунизмот.
Петр Бистрон, портпарол за надворешни работи на партијата, минатата година ја посети Москва со партиска делегација. Тој објави изјава во која „жали“ за актуелните случувања, но додаде: „Сега не смееме да направиме грешка и да и припишеме одговорност за овој развој единствено на Русија“.
„Тоа е знак за нивната идеолошка блискост со агресивниот национализам на Путин“, рече Хајо Функе, истакнат германски експерт за екстремната десница во земјата.
Поддржувачите на Путин во никој случај не се ограничени само на Европа. Во САД поранешниот претседател Доналд Трамп, чиј мандат беше обележан со љубезност кон рускиот лидер, што ги збуни неговите западни сојузници, во средата рече дека Путин е „многу паметен“ и направил „генијален“ потег прогласувајќи ги регионите на Украина за независните држави, како начин да обезбеди легитимитет за движењето на руската војска. Тие забелешки го обележаа Трамп во Републиканската партија чиј де факто е лидер, но не беше целосно изолиран.
Медиумскиот навивач на Трамп, водителот на „Фокс њуз“, Такер Карлсон, ги повика Американците да се запрашаат што имаат против Путин и го повтори ставот на Кремљ дека Украина не е демократија, туку марионета на Западот и САД со кои „суштински управува Стејт департментот“. По инвазијата, и тој омекна, предупредувајќи на „светска војна“ и велејќи дека „Владимир Путин ја започна оваа војна, па без оглед на контекстот на одлуката што ја донел, тој го направил тоа“.
Последниот битен лидер што го посети Путин пред војната, претседателот Жаир Болсонаро од Бразил, кому Путин еднаш му кажа дека ги одразува „најдобрите машки квалитети“, одлучи да држи затворена уста. Но, тој можеби ја покажа позицијата кога го прекори својот потпретседател затоа што рекол дека Бразил се противи на руската инвазија на Украина.
Но, старите пријатели на Путин се најзапрепастени од нападот. Силвио Берлускони, поранешен премиер на Италија, кој носеше крзнени капи со Русинот во неговата дача во Сочи и доби „голем кревет“ од Путин како подарок, го осуди насилството, но не кажа ништо јавно за својот стар пријател. Не е јасно дали тој имал контакт со Путин, но им рекол на членовите на неговата партија во телефонски разговор дека ги става своите меѓународни односи во служба на мирот и одбраната на Европа.

„Синоќа разговарав со Берлускони. Тој е многу загрижен и речиси е преплашен од она што се случува“, изјави Џорџо Муле, потсекретар за одбрана на партијата на Берлускони, за италијанското радио во петокот. Тој додаде: „Тој едноставно не ја гледа личноста што ја познавал во Владимир Путин“. (Њујорк тајмс)