Приходите од царина зголемени за 15,2 отсто, од акциза за 7,1, а од данокот на моторни возила за 17 отсто

Сузбиени организирани криминални мрежи кои вршеле криминални дела со над 230 употребувани автомобили, 230 килограми дрога и 600 килограми анаболици, спречен обид за криумчарење на половина милион евра вредно злато, 30 килограми сребро, над 200 килограми лекови и над 10 илјади килограми суплементи, 400 илјади парчиња цигари и пури. Во 94 случаи на повреда на право од интелектуална сопственост запленети 180 илјади парчиња стока. Ова се само дел од резултатите што ги реализирала Царинската управа во изминатата година што денеска ги презентираше директорот Бобан Николовски на настанот „Една година резултати“.
Спречени се прекршочни и кривични дела при што евидентирани се вкупно 520 случаи на заплени или двојно повеќе од годината претходно. Поднесени се и 181 кривична пријава за сторени кривични дела против 307 физички и 99 правни лица или, како што нагласи, за четири ипол пати повеќе споредбено со годината претходно кога биле поднесени 42 кривични пријави.
-Ова се историски резултати кои што ќе се паметат во историјата на Царинската управа, истакна Николовски.
Вели дека измината година по направена анализа на состојбите во институцијата работеле на иницирање итни, но одржливи и видливи промени, за поуспешно работење, поголема безбедност, борба против корупцијата, разбивање на организирани криминални мрежи, спречување на криумчарење. Имало зголемени контроли, зголемената професионалност на службите, унапредување на царинските процеси, но и подобрената соработка со компаниите, што, како што рече, резултирало со повисока наплата на приходи во Буџетот.
-Тргнавме силно уште од првиот месец. Денеска Царинската управа претставува еден од главните столбови на кои се потпира државата, симбол за просперитет, симбол за безбедност, рече Николовски.
Зголемените контроли, зголемената професионалност на службите, унапредувањето на царинските процеси, но и подобрената соработка со компаниите, според него, резултирале со повисока наплата на приходи во Буџетот.
-Така во текот на изминатиот период од една година наплативме приходи во висина од над две милијарди евра или речиси 105 милиони евра повеќе од истиот период претходно. Раст на приходите има по секој основ. Приходите од царина бележат раст од 15,2 проценти, од акциза од 7,1 процент, а приходите од данокот на моторни возила бележат раст од 17 проценти. Ова претставува сериозен износ што се влева во Буџетот за повеќе капитални инвестиции, што ја раздвижаа економската активност и водат до повисок економски раст, нагласи Николовски.
На сите гранични премини и гранични терминали, ставен е во функција системот за видео надзор и систем за препознавање на регистарски таблички, еден од најсовремените во Европа, при што снимките од системите претставуваат и веќе се користат како доказен материјал во предистражни постапки на Царинската управа, како и други истражни органи.
Според директорот на Царинската управа, напредокот во борбата против корупцијата е веќе мерлив и признаен.
– Годинава ДКСК во извештајот за 2024 година не оцени на високо петто место од вкупно 72 институции во спроведување на политики за интегритет, при што особено се забележани подобрувања во делот на идентификуваните точки на ризици од корупција, како и преземени конкретни чекори за спречување судир на интереси меѓу кои и изречени дисциплински, но и откази за царински службеници кои постапувале спротивно на законите, рече директотот на Управата.
Во изминатиот период, нагласи Николовски, заеднички покажавме дека институциите можат да бидат двигател на позитивни промени кога се водат со визија, а тимската работа е ставена во прв план.
-Не зборуваме веќе за индивидуални успеси – Царинската управа стана симбол на институционален капацитет што колективно испорачува резултати, рече Николовски.
На настанот присуствуваат и премиерот Христијан Мицкоски, министерка за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, гувернерот на Народната банка на Република Македонија, Трајко Славески, вицепремиери, министри, директори, пратеници, претставници на бизнис заедницата.
Премиерот Мицкоски рече дека во текот на изминатата година, наплатени се приходи, како што кажа и директорот во висина од над две милијарди евра, а тоа се 105 милиони евра повеќе отколку во истиот период претходно.
„Тоа не е случајно. Тоа е резултат на принципиелна работа, на раководење без калкулации, на борба со сивата економија и корупцијата, и на јасна политичка определба – парите да одат кај граѓаните, а не во нечии џебови. Затоа, денес растат приходите од царина како што кажа и директорот за 15,2 проценти, од акцизата растат за 7,1 процент итн“, рече премиерот, додавајќи дека тоа значи повеќе за пензии, за плати, за болници, училишта, патишта…
„Но се отвори и борба против сивата економија и криминалот, а за тоа говорат и бројките кои се споменаа дека до Основното јавно обвинителство и до Обвинителството за организиран криминал, поднесени се 181 кривична пријава. Тоа е речиси четири и пол пати повеќе во однос на годината претходно. Тоа е сигнал дека институциите конечно работат. Не затвораат очи, туку дејствуваат“, рече Мицкоски.
Во обраќањето, Димитриеска-Кочоска потенцира дека бројките се импресивни и дека се јасен доказ за посветеното, професионално и транспарентно работење на оваа институција.
-Тие се резултат на вложен труд, визија и соработка и претставуваат уште една потврда дека кога институциите се водат од луѓе со интегритет и одговорност, успехот е неминовен. Особено сакам да го потенцирам значајниот раст на увозните давачки, кои покажуваат двоцифрена стапка на пораст во текот на годината, тренд кој започна уште во минатата година со доаѓањето на новото раководство. Последните податоци покажуваат зголемување од дури 16% во споредба со истиот период минатата година – и тоа не е случајност. тоа е резултат на конзистентна примена на законите и унапредени процеси, истакна министерката.