Прифатено обвинението, ќе му се суди на бизнисменот Борче Марковски од Битола
Случајот е за дислокација дислокација на погонските станици од рудникот „Осломеј“ во рудниците на РЕК „Битола“ за сума од над 1,7 милиони евра
БИТОЛА – Основниот суд Битола го прифати во целост обвинителниот акт на Основното јавно обвинителство Битола и реши да им суди на бизнисменот Борче Марковски и уште 8 други поврзани за тендер за дислокација на погонските станици од рудникот „Осломеј“ во рудниците на РЕК „Битола“ за сума од над 1,7 милиони евра.
Еден од обвинетите е и поранешниот директор на РЕК „Битола“ Пеце Матевски, кој веќе е во домашен притвор за други дела поврзани со работата на комбинатот.
Бизнисменот Марковски има обврска еднаш неделно да се јавува во судот, а пасошот му е привремено одземен. Тој два месеци беше во ефективен притвор до јануари. Марковски даде гаранцијата од речиси 5 милиони евра во недвижен имот и возила-сопственост на „Марковски компани“ за да биде на слобода.
Во овој судски процес покрај Марковски ќе им се суди на петмина вработени од РЕК „Битола“ и на двајца вработени во фирмата на Марковски.
Основниот суд Битола проценил дека ОЈО Битола има доволно докази да се оди на судење каде што ќе се докажува вината на обвинетите.
„По вака одобрениот обвинителен акт против осум физички лица и едно правно лице ќе се формира кривично правен предмет кој согласно АКМИС системот ќе биде распределен на понатамошно постапување кај совет, за што ќе биде насрочен термин за главна расправа, истиот ќе биде достапен на календарот за судења на веб страната на судот“, информира Основен суд Битола.
Според обвинението пред три години, во 2023 година, петмина од обвинетите, директори и раководители на подружници во РЕК „Битола“, вклучувајќи го и тогашниот директор на комбинатот Пеце Матевски, извршеле злоупотреба на службената положба и овластување.
„Со намера да прибават противправна имотна корист за друг, обвинетите распишале и спровеле постапка на јавна набавка за дислокација на погонските станици од рудникот ‘Осломеј’ во рудниците на РЕК ‘Битола’, со цел да се воспостави нов транспортен систем за рудата во РЕК, иако знаеле дека таквиот транспортен систем е спротивен на основниот проект и несоодветен за технолошкиот процес на ископ на откривката, јагленот и меѓуслојната јаловина, како и за транспорт на јагленот во рудниците на РЕК“,соопшти претходно ОЈО Битола.
Со меѓународна правна помош, ОЈО обезбеди 1,2 милиони евра, 1.000 швајцарски франци, три златни монети и една златна плочка од банкарски сеф во Белград во сопственост на Марковски. Замрзнати е имот на фирмата од 10 нови товарни возила на име на српска компанија на Марковски.