Презентација на резултатите од поддршката на ЕУ за системот за управување со јавните финансии
Министерот за финансии Фатмир Бесими, шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир и холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп денеска ќе ги презентираат резултатите што произлегуваат од поддршката од Европската Унија во областа на јавните финансии, обезбедена во форма на твининг-партнерство со Холандија, Хрватска, Бугарија и Летонија за зајакнување на националниот систем за управување со јавните финансии.
– Целокупната поддршка од Европската Унија обезбедена за Владата за спроведување реформи во секторот за јавни финансии изнесува 35 милиони евра. Ефикасен и транспарентен систем на јавни финансии овозможува поодговорно управување со јавните средства и ги намалува ризиците за измама и корупција. Тековната економска состојба и фискалните тешкотии што ги наметна пандемијата претставуваат дополнителни предизвици, но ЕУ и натаму обезбедува поддршка за воспоставување поголема одговорност, се наведува во соопштението на Делегацијата на Унијата во Скопје.
Твининг-проектот финансиран од ЕУ „Зајакнување на функциите на буџетско планирање, спроведување и внатрешна контрола“ го потпомага Министерството за финансии во процесот на реформирање на системот на јавни финансии.
– Четирите главни компоненти на овој проект финансиран од ЕУ опфаќаат: управување и контрола на буџетот, развој на внатрешна финансиска контрола и финансиска инспекција, подобрување на системот за јавни набавки и мерки за борба против измама, се додава во соопштението.