Претстои ли замрзнување на цените: ЕУ подготвува реформа на енергетскиот пазар

Европската комисија би можела да донесе одлука за ограничување на цената на струјата и гасот, но тоа ќе доведе до нерамнотежа на пазарот, велат енергетичарите


 

Зимата според календарот е се уште далеку, но поскапувањето на гасот, кој е главен извор на енергија за производство на струја, деновиве доведе до екстремно поскапување на струјата, поради што има се повеќе повици да се ограничат цените на гасот во ЕУ и тие да се формираат одделно од цените на електричната енергија. Експертите сметаат дека е можно да се ограничат цените на енергијата, но укажуваат дека нивното „замрзнување“ може дополнително да ја продлабочи енергетската криза.

Чешка, која го презеде шестмесечното претседавање со ЕУ, свика состанок на министрите на ЕУ за 9 септември за да се најде решение за цела Европа да се справи со зголемените цени на енергијата. На итниот состанок ќе се разговара за предлози како ограничување на цената на гасот што се користи за производство на електрична енергија, како и интервенции што треба да се преземат за да се спречи колапс на пазарот.

Како што пренесе Ројтерс, ова го соопшти министерот за економија на Чешка, Јозеф Сикела, кој рече дека „Европа направи голема грешка во однос на енергетските извори“ и дека е „наивна за Русија“, алудирајќи на воведување санкции против Москва и претстојната транзиција од руски извори на енергија кон други добавувачи.

„Покрај Русија, сушата во јужна Европа, проблемите со откажувањето на нуклеарните реактори во Франција се дополнителни фактори кои создаваат проблеми на енергетскиот пазар“, рече Сикела.

Се огласи и белгиската министерка за енергетика Тин Ван дер Стратен, која оцени дека цената на бензинот во Европа треба веднаш да се замрзне, посочувајќи дека врската меѓу цените на гасот и струјата е вештачки воспоставена и дека тоа треба да се промени. Таа предупреди дека земјите од ЕУ ќе се соочат со „пет до 10 ужасни зими“ доколку не се преземе ништо за намалување на цените на природниот гас.

„Мораме да дејствуваме на изворот, на европско ниво и да работиме на замрзнување на цените на бензинот“, рече Ван дер Стратен.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, се заложи за целосна реформа на европскиот пазар на електрична енергија на почетокот на 2023 година и порача дека цените на гасот и струјата треба да се одвојат, пренесе Ројтерс.

„Растечките цени сега од различни причини ги откриваат ограничувањата на структурата на нашиот пазар на електрична енергија. Развиен е под различни услови и со различна намена. Затоа сега работиме на итна интервенција и структурна реформа на тој пазар“, рече претседателката на Европската комисија.

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека се надева оти ЕУ брзо ќе постигне договор за ова прашање, но дека внимателно ќе се разгледа какви инструменти има Европа за да ја намали цената на струјата. Тој посочи дека „тоа не може да биде ништо произволно, мора да функционира во техничка смисла и јасно е дека сегашните пазарни цени не се вистински одраз на понудата и побарувачката“.

 

Што би значело „замрзнување“ на цените?

Техничкиот директор на берзата за електрична енергија SEEPEX, Дејан Стојчевски, за Euronews Србија вели дека Европската комисија би можела да донесе одлука за ограничување на цената на струјата и гасот, но дека тоа ќе доведе до нерамнотежа на пазарот.

„Тоа секако е можно, но прашање е дали ќе има доволно стока – гас или струја. Зашто, ако некој ја ограничи цената, како резултат на тоа се случува некој да не произведува, бидејќи не вреди. Можно е, но ќе видиме дали е реално“, вели Стојчевски.

Напоменува дека сегашните цени едноставно не се одржливи ниту за домаќинствата, ниту за стопанството, ниту за нормален живот и додава дека се вештачки предизвикани.

„Цените се движат драстично и едноставно неверојатно. Фјучерсите на струјата од понеделник до петок скокнаа за 230 евра, што во нормални околности не може да се случи. Едноставно нема доволно енергија, пазарот генерално не е ликвиден. Еден или два купопродажни договори дури даваат погрешен сигнал. Невозможно е толку да порасне цената, и тоа за некој долгорочен договор во иднина. Годинава е веќе затворена, а се тргува за првиот квартал од следната и е многу мала трговијата, сите чекаат нешто. Мора да се реши нешто, бидејќи ова е ирационално“, вели Стојчевски.

Тој објаснува дека цената на струјата се одредува со пласирање на најевтините понуди, потоа се поскапи и поскапи производствени единици и каде се „вкрстува“ со потребите – тоа е маргиналната цена.

„Неа сега ја одредуваат гасните централи, и тоа многу скапите кои никогаш не би работеле во нормални околности. Ова е пресметката што Европејците би сакале да ја сменат и дека цената на струјата не зависи од гасот, туку прашање е какво решение ќе понудат“, вели техничкиот директор на SEEPEX.

Премиерот на Белгија, Александар Де Кро, најави дека ќе бара да се ограничи рекордниот пораст на цените на струјата и гасот на ниво на ЕУ.

„Нашата економија и ние како граѓани плаќаме многу високи цени. Секако, неприфатливо е да има компании кои од тоа жнеат огромни профити. Секој треба да го поднесе својот дел од товарот во овие тешки моменти“, рече Де Кро.

Техничкиот директор на берзата за електрична енергија СЕЕПЕКС, Дејан Стојчевски, вели дека сигурно има и такви кои имаат екстра профит, но дека најверојатно ЕК ќе го истражи тоа. Тој посочува дека цените на струјата се нереални, особено кога се гледаат податоците за првиот квартал наредната година, бидејќи струјата за тој период се продава за 1.400 евра.

„Секој што сака да купи за јануари нема да може да оди под таа цена, бидејќи никој нема да сака да му продава. Можеби произведувате поевтино, но зошто би го подарувале кога оваа е пазарната цена. Прогнозите не се светли, ќе биде уште полошо, бидејќи уште не сме ни влегле во зима. Ова се само показатели што ќе се случи, но вистинските проблеми почнуваат кон крајот на октомври и почетокот на ноември, кога навистина почнува дополнителната потреба од струја. Секој што уште не набавил струја е во сериозна мака“, тврди Стојчевски.

Австрискиот канцелар Карл Нехамер ја поддржува идејата за „замрзнување“ и посочува дека пазарната цена на струјата мора да се намали и да се одвои од гасот, за да биде поблиску до реалните трошоци за производство. Нехамер рече дека на рускиот претседател Владимир Путин не може да му се дозволи да ги одредува цените на струјата на дневна основа.

„Конечно мораме да го запреме лудилото што се случува на енергетските пазари, а тоа е можно само преку европско решение“, рече Нехамер и додаде дека ќе се обиде да ги разубеди членките на Европската унија кои се против ваквото решение, пренесува Хина.

„Конечно нешто мора да се случи. Овој пазар нема само да се регулира во сегашната форма и ги повикувам сите 27 членки итно заедно да ја запрат оваа ценовна експлозија“, рече австрискиот канцелар.

Австрија е во голема мера зависна од рускиот гас, особено во индустријата и греењето, а пред војната во Украина, околу 80 отсто од вкупното снабдување со гас беше од Русија. Поголемиот дел од електричната енергија доаѓа од обновливи извори, а австриската јавност има се поголемо недоразбирање за пазарниот систем во кој цените на гасот и електричната енергија се тесно поврзани. Во изјавата на Нехамер се наведува дека ќе се залага за одржлив модел што може брзо да се имплементира и се додава дека за тоа разговарал со своите чешки и германски колеги.

Земјите на ЕУ се борат со огромни зголемувања на цените на енергијата откако Русија, клучен снабдувач на гас, започна инвазија на Украина во февруари. Во меѓувреме, Германија потврди дека ги надополнува своите резерви на гас побрзо од очекуваното, додека другите западни земји кои ја поддржуваат Украина се обидуваат да го намалат увозот на руски гас и нафта. Русија, која минатата година ја снабдува Европската унија со 40 отсто од потребните количини гас, неодамна ги ограничи испораките, што дополнително ги зголеми цените.

Европскиот план за намалување на употребата на гас за 15 проценти, како и чекорите за ограничување на употребата на енергија, како што се забраната за надворешно осветлување во зградите и намалувањето на температурите за греење во затворените простории, ќе играат улога во заштедата на енергија, но тие не се доволни ни блиску за да се смират цените на енергијата кои пораснаа и во последните денови буквално „дивеат“. Сега веќе е јасно дека заштедата и намалената потрошувачка нема да бидат доволна мерка за да се преброди зимата. (Извор: Еуроњуз)