Претставена веб-платформата „Лирскиот дом на Ацо Шопов“


 „Лирскиот дом на Ацо Шопов“ е повеќејазична веб-платформа на која во дигитална форма е објавено творештвото на поетот Ацо Шопов, фонд на документи и податоци и критички одгласи за неговата поезија, како и голем обем видеоматеријали и фотодокументација. Интернетскиот ресурс, отворен за студенти и за истражувачи на творештвото на Шопов, е достапен на неколку јазици.

Веб-платформата денеска беше претставена на отворањето на манифестацијата „Денови на македонската литература“ во организација на Катедрата за македонска книжевност и култура при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Повод се 40 години од смртта на Шопов (1923-1982) и 70 години од објавувањето на неговата стихозбирка „Стихови за маката и радоста“ – прва интимна лирика во македонската повоена литература и пресвртница во македонската поезија која со појавата во 1952 година предизвикала бурни реакции и големата книжевна конфронтација меѓу интимистите и реалистите.

Иницијатор на проектот „Лирскиот дом на Ацо Шопов“ е Јасмина Шопова, книжевен преведувач и ќерка на поетот, која го почнала во 2014 година и денеска го претстави на онлајн-презентација.

– Во тоа време беше замислен како повеќејазичен портал, кој се однесуваше, пред сѐ, на широката публика. Мојата идеја беше да има избор од десетина песни на барем пет-шест јазици, да се презентираат збирките. Во 2014 веќе беше доста развиена, но најмногу одеше во насока на широката публика – да се даде слика за поетот за нашата и за странската читачка публика на англиски, француски, шпански, германски и на руски јазик. Тоа беа првите јазици на платформата. Во текот на овие осум години сѐ повеќе се обраќа на истражувачката и академската публика, особено на македонски јазик, рече Шопова.

Низ годините таа го собирала богатиот архивски материјал, ракописи и машинописи, скенирала текстови од Шопов и рецензии, материјали кои се чуваат во МАНУ. Рече дека над 10 години проектот го работи сама, но во последната година ѝ помагаат Саранда Мехмеди и Дарко Митевски. Очекува дека и други студенти или дипломирани ќе се придружат во работата за збогатување на платформата.

– Ова не е готово и никогаш нема да биде. „Лирскиот дом на Ацо Шопов“ не е книга и постојано се пополнува, истакна Шопова.

Проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска од Катедрата за македонска книжевност и култура се осврна на биографијата на Шопов, кој е еден од основоположниците на модерната македонска поезија. Рече дека уште со првата стихозбирка во 1944 се манифестирал како изразит лиричар  кој со своето творење го одбележува, како што рече, „почетокот на субјективната, интимна лирика во современата македонска книжевност“.

– Ацо Шопов систематски го гради својот поетски израз. Тој не станува „жртва“ на ниту една литературна школа. Создава, твори, со уверување дека осовременувањето на поетскиот израз претставува услов за неговиот опстанок и причина за неговото постоење…Неговата збирка „Песни“ во 1944 е прва книга на македонски јазик објавена во слободна Македонија и ја продолжува приказната што започна со првата збирка на народен македонски јазик – „Бели мугри“ на Кочо Рацин во 1939 година во тогашната заедничка држава – Кралство Југославија. Шопов е и првиот уредник на „Млад борец“, а потоа и на неколку литературни списанија и бил директор на издавачката куќа „Кочо Рацин“, член на Македонскиот ПЕН-центар, на Друштвото на писателите на Макеодонија, на МАНУ и југословенски амбасадор во Сенегал, рече Мојсова-Чепишевска.

Раководителката на Катедрата за македонска книжевност и култура, проф. д-р Кристина Николовска истакна дека овој проект ќе биде, како што рече, извонредно богатство за професорите и за студентите на Филолошкиот факултет.

– За нас тоа е голема чест, што токму нашата Катедра е удостоена да биде новиот дом на „Лирскиот дом на Ацо Шопов“. Ние ќе бидеме добри домаќини и ќе бидеме љубопитни за да го истражуваме овој импресивен труд. Тој и сега има дом на нашата Катедра, но сега уште повеќе ќе ја истражуваме оваа лирска оаза, додаде Николовска.

Таа соопшти дека литературната манифестација „Денови на македонската литература“ ќе продолжи на 25 мај 2022 со онлајн-средба со писатели, а наредниот ден  ќе се одржи поетско читање на млади македонски автори.