Претставата Бакхи на Битолскиот театар на „Охридско лето“


Драмската програма на „Охридско лето“ за вечерва ја нуди театaрска претстава Бакхи – краток преглед на распадот по Бакхи од Еврипид, во изведба на Народниот театар од Битола.

Режисерот на поставката Вук Торбица за драмата ќе каже дека од преостанатите и сочувани грчки трагедии на Еврипид, Бакхи се издигнува заради неколку тематски и формални причини, но можеби најважна е таа што Бакхите ја содржат алузијата на театарот сам по себе и фактот дека тие говорат за неговата скриена моќ и нашето цивилизациско сознание: моќта на раскажување на приказни.

Според него, Бакхите се прапочеток на „мета театарскиот“ текст. Самиот текст претставува длабока загатка за релативноста и променливоста на нашиот идентитет. Студија за тоа во што го препознаваме божественото, истовремено и потсетник дека тоа, „божественото“ доаѓа во облици кои не сме подготвени да ги прифатиме и да ги препознаеме. Но, можеби нај интересното прашање со кое се занимаваме во нашата претстава е: зошто нашиот идентитет, наместо во вредностите кои ги делиме и за кои се бориме, пред се’ е конституиран „со она другото“ – непријателство спрема „надворешниот противник“? Дали на тој начин криеме дека вистинскиот „непријател меѓу нас – сме самите ние?“,дека сме вистински странци себеси и едни на други, односно дека ништо не не саботира повеќе отколку општествените препреки коишто самите си ги наметнавме.

Улогите во претставата ги толкуваат Маја Андоновска – Илијевски, Огнен Дранговски, Соња Михајлова, Иван Јерчиќ, Илина Чоревска, Мартин Мирчевски, Васко Мавровски, како и хорот во состав Викторија Степановска – Јанкуловска, Валентина Грамосли, Петар Спировски, Сандра Грибовска и Анастазиа Христовска.

Претставата ќе се игра на сцената на Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток од 21 часот.