Претседателката на Грузија на страна на опозицијата, повика на протести


Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, денеска изјави дека нејзината земја е жртва на руска „специјална операција“ и ја поддржа грузиската опозиција, која не ги признава резултатите од гласањето.

Таа ги повика Грузијците утре да излезат на главната улица во главниот град Тбилиси за да протестираат против резултатот, кој според неа е „тотален фалсификат, целосна кражба на гласови“.

Централната изборна комисија денеска соопшти дека владејачката партија Грузиски сон добила речиси 55 отсто од гласовите, според речиси 100 отсто преброени гласачки ливчиња.

Европските набљудувачи на изборите соопштија дека гласањето се одржало во средина обележана со заплашување и случаи на физичко насилство што го загрозило исходот од гласањето. Само унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто и честиташе на грузиската владејачка партија, велејќи дека партијата постигнала победа и покрај обидите за мешање.

– И покрај обидите за мешање, народот на Грузија ја изрази својата волја, а патриотската и просемејната владејачка партија постигна убедлива победа на парламентарните избори во земјата, рече тој по објавувањето на резултатите од вчерашните избори.

Сијарто посочи дека Унгарија, за време на остатокот од претседавањето со ЕУ, но и по завршувањето на мандатот во јануари, ќе продолжи да му дава поддршка на Тбилиси на патот кон евроинтеграциите.