„Престанете со копање по минатото“: Порака на Ковачевски до Мицкоски, Ахмети и Силјановска


Димитар Ковачевски на митингот во Кочани

 

И на вечерашниот митинг во Кочани, СДСМ побара поголема излезност на 8 мај за партијата и коалицијата да добијат повеќе пратеници за да може да се спречи ВМРО-ДПМНЕ да има голема институционална моќ. Таква порака им испрати на граѓаните претседателот на партијата Димитар Ковачевски, велејќи дека тоа ќе значело крај на нашите ЕУ перспективи.

„Ги знаеме какви се. Тие ќе ја одложуваат евроинтеграцијата во недоглед. ВМРО немаат ниту план, ниту издржана програма, ниту пак се доследни во остварувањето на стратешките цели на државата. Така правеше и Груевски, а тие само ќе продолжат кај што застана тој. Немајте дилема дека ништо во оваа земја нема да се помести ни милиметар напред со ВМРО. Ги знаеме дека се добри глумци. Ќе глумат дека работат, а во реалноста нема ништо да се смени. Го гледавме тоа со Груевски 11 години, знаеме како изгледа. Последно нешто што сакаме е лоша и евтина реприза на неговото владеење“, вели Ковачевски.

Ковачевски рече и дека СДСМ е единствената политичка партија која никогаш нема да се откаже од инклузивноста, која е предност и адут, а не камен на сопнување.

„Но, деновиве, за жал, се изнаслушавме опасни наративи кои може лесно да го разгорат огнот на меѓуетничката нетрпеливост. Лидерите на ВМРО и на ДУИ, но и претседателскиот кандидат Силјановска-Давкова се однесуваат во најмала рака неодговорно и кон државата и кон граѓаните. Таа нивна неодговорност, ако не направиме нешто за да ја спречиме, еден ден сите заедно ќе ја платиме, на еден или на друг начин. Користам прилика да им порачам и на Мицкоски, и на Ахмети, и на Давкова – граѓаните се свесни за вредноста на мирот и стабилноста што ги гради СДСМ. Граѓаните знаат дека на сите ни треба европска иднина, а не враќање 20 години во закопаното минато. Престанете со препукувањата, со скандирањата и заканите. Тие никому не му носат добро“, рече Ковачевски.

Тој рече дека најлесно е да се гласа против, но дека важен е гласот за.

„Гласот против за некого можеби значи казна, но верувајте, во исто време ги казнувате и сопствените деца. Гласањето против како еден вид краткорочна казна со себе носи опасност да има долгорочни последици за државата. И тоа не смееме да го заборавиме“, рече Ковачевски.

На митингот зборуваше и носителката на листата во Изборната единица 3, Сања Лукаревска.

„Немам намера да ги покривам или минимизирам нашите пропусти, не ги сокриваме под тепих и не ги подметнуваме на друг и никогаш  не сме дозволиле државата да биде на коленици. Следете нè, не се откажуваме, тргнавме по патот на трпението, пат без насилство, со разум, со работа и дијалог до богата држава со задоволни граѓани“, рече таа.