Престана да истекува гасот од „Северен тек 2“


 

Данската агенција за енергетика објави дека природниот гас престанал да истекува од еден од двата оштетени гасоводи во Балтичкото Море.

Агенцијата на Твитер објави дека компанијата која управува со гасоводот „Северен тек 2“ ја информирала дека притисокот во гасоводот што тече од Русија до Германија се чини дека е стабилизиран.

„Ова укажува дека истекувањето на гас од овој гасовод престанало“, соопшти данската агенција за енергетика.

„Притисокот на водата повеќе или помалку го затвори цевководот, па гасот внатре не може да избега“, изјави портпаролот на „Северен тек 2“, Улрих Лисек за АФП.

Тој додаде дека сѐ уште има гас во гасоводот.

На 29 септември Шведската крајбрежна стража извести за истекување на гас во Балтичкото Море над гасоводот „Северен тек“.

Морските експлозии што ги оштетија цевководите „Северен тек 1 и 2“ оваа недела доведоа до масивно истекување на метан.

Нордиските истражители рекоа дека експлозијата може да биде предизвикана од неколку стотици килограми експлозив.

Рускиот претседател Владимир Путин вчера го обвини Западот за саботирање на гасоводите изградени од Русија, обвинение што САД и нивните сојузници остро го негираат.