Пресметано: Штетите од климатските промени ја чинат Македонија 667 милиони долари, не навасува и вештачката интелигенција
Северна Македонија мора да ја забрза зелената и дигиталната транзиција: Климатските штети над 667 милиони долари, вештачката интелигенција ќе го менува пазарот на трудот
Штетите од природни непогоди и екстремни климатски настани во Северна Македонија во изминатите две децении надминале 667 милиони американски долари, додека глобалните проценки покажуваат дека околу 40 проценти од работните места се изложени на влијанието на вештачката интелигенција. Овие податоци ја нагласуваат потребата од забрзување на зелената и дигиталната трансформација како два клучни процеса за економскиот развој, конкурентноста и подобрувањето на квалитетот на животот.
Ова се дел од наодите на публикацијата „Зелена и дигитална Северна Македонија – две транзиции во контекст на европската интеграција“, која денеска беше промовирана во Скопје, во организација на Институтот за прогресивна промена и општествени студии (ИППОС), во соработка со Меѓународниот центар „Олоф Палме“.
На настанот, кој се одржа во хотелот „Панорамика“, со поздравно обраќање настапи претседателот на ИППОС, проф. д-р Александар Љ. Спасов, додека резултатите од истражувањето ги претставија авторите Тони Поповски, експерт за зелена транзиција, и Валентин Нешовски, експерт за дигитална транзиција.
Во анализата посветена на зелената транзиција, Тони Поповски идентификува седум системски слабости во спроведувањето на јавните политики и укажува дека Северна Македонија располага со релативно развиена стратегиска рамка, но недоволно функционални механизми за нејзина реализација.
Според истражувањето, одложувањето на реформите ја зголемува економската цена на транзицијата, ја продолжува енергетската зависност и ја намалува конкурентноста на македонските компании на европскиот пазар. Климатските штети од над 667 милиони долари во последните две децении дополнително ја потврдуваат потребата од инвестиции во енергетска ефикасност, климатска отпорност и одржлива инфраструктура.
Анализата предлага интегриран модел на управување со зелената транзиција, со поефикасна институционална координација, поголема улога на општините и планските региони и конкретни механизми за финансирање. Посебно се нагласува принципот на праведна транзиција, кој подразбира заштита на работниците, преквалификација и поддршка за локалните заедници.
Во делот посветен на дигиталната трансформација, Валентин Нешовски укажува дека вештачката интелигенција веќе предизвикува суштински промени во глобалната економија и на пазарот на трудот.
Според податоците на Меѓународниот монетарен фонд, наведени во публикацијата, 40 проценти од глобалната вработеност и 60 проценти од вработеноста во напредните економии се изложени на влијанието на вештачката интелигенција. Ова не значи автоматско губење работни места, туку промена на работните задачи и зголемена потреба од нови квалификации.
Обемот на технолошката трансформација го потврдуваат и податоците на Универзитетот Стенфорд, според кои глобалните корпоративни инвестиции во вештачка интелигенција во 2025 година достигнале 581,7 милијарди американски долари, со раст од приближно 130 проценти. Проценките на Глобалниот институт „Мекинзи“ дополнително укажуваат дека генеративната вештачка интелигенција има потенцијал да создава меѓу 2,6 и 4,4 трилиони долари годишна економска вредност на глобално ниво.
Во истражувањето се предлага подготовка на национална стратегија за вештачка интелигенција, формирање Национален совет за вештачка интелигенција и воспоставување јасни правила за нејзина одговорна примена. Меѓу препораките се и формирање фонд за технолошка транзиција, програми за преквалификација, поддршка за малите и средните претпријатија и иницијативата „ВИ за млади“.
Посебно внимание е посветено на сајбер-безбедноста, заштитата од дигитални манипулации, како и на развојот на македонскиот јазик и домашните дигитални ресурси во услови на забрзан развој на вештачката интелигенција.
Заедничкиот заклучок на двете анализи е дека зелената и дигиталната транзиција мора да се третираат како поврзани национални развојни приоритети, а европската интеграција да се искористи како можност за суштинска модернизација на економијата и институциите.
Преку оваа публикација, Институтот за прогресивна промена и општествени студии, во соработка со Меѓународниот центар „Олоф Палме“, нуди конкретни препораки за унапредување на јавните политики и поттикнување поширока општествена дебата за развојните перспективи на Северна Македонија.
Основната порака на истражувањето е дека државата мора да премине од усвојување стратегии и законски решенија кон нивно ефикасно спроведување, со јасни институционални одговорности, обезбедени финансиски ресурси и мерливи резултати за граѓаните и економијата.