Ако административецот две години по ред добие оценка „1“ останува без работа
Собранието ги донесе измените и дополнување на Законот за административни службеници и измени на Законот за административни службеници, двата по скратена постапка.
Предложените законски решенија имаат за цел да обезбедат појасна, единствена, ефикасна и правно сигурна примена на прописите, уредувајќи го статусот на службениците во Службата на Собранието и регулаторните тела на исто ниво со другите посебни државни службеници.
Со предложениот закон се укинува можноста за унапредување на административните службеници без објавување интерен оглас, со што се обезбедува еднаков пристап и примена на мерит системот. Со законот се воведува јасна правна последица со која на административниот службеник кој две години последователно ќе биде оценет со оценка „1 – не задоволува“ му престанува работниот однос по сила на закон. Се овозможува поекономично спроведување на постапките без неоправдано одолговлекување (со задржување на правото на жалба).
Опозициската СДСМ не гласаше за законите, а обвини дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ прво ја укинала независноста на собраниската служба, а сега ја враќаат. Исто така, тие имаа забелешки и за одредбите што се однесуваат на санкции за административните службеници.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски истакна дека во законот е ставена одредба за дисциплинирање на администрацијата, па и на Собраниската служба, како и дека до 2024 година Собраниската служба била независна, а исто така и дека осамостојувањето на Собранието треба да продолжи и со независноста на собраниското обезбедување.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека има закони што се добри и што не се добри и оти тоа што не се донело во 2019 година сега се исправа.
„Една работа да пофалевте, да речете добро е – се исправи една работа“, рече Мицевски, додавајќи дека додека СДСМ биле на власт во периодот од 2019 до 2024 година не биле исправени грешките.