Премиерот не верува дека некој во ЕУ може да гарантира оти ќе нема нови блокади
Мицкоски денеска изјави дека било лага оти сме барале промена на Преговарачката рамка
Оптимизмот на премиерот Христијан Мицкоски за пронаоѓање излез од ќор-сокакаот околу уставните измени и отворањето на преговорите со ЕУ по првите кластери како да исчезна некаде по самитите во Берлин и Будимпешта.
„Нема што повеќе од ова да правиме. Ние како Влада повеќе од ова не можеме да направиме, ниту ќе направиме. Тоа е тоа. Тоа е нашата црвена линија. Ако некој таму во Брисел одлучил да биде заложник на политичари од средниот век, коишто доаѓаат од некои од земјите членки на самата ЕУ, ако некој одлучил да биде заложник на билатерализацијата, го разбираме, тоа е тоа. Нека нѐ остават да си ја решиме домашната задача“, изјави денеска Мицкоски на новинарско прашање за последните пораки кои доаѓаат од Брисел за Преговарачката рамка.
Во врска со гаранциите што тој ги бараше, дека ќе нема нови блокади за државата доколку се усвојат уставните измени, премиерот изјави:
„Не знам кој е тој што ќе даде гаранции дека ќе нема блокади со билатерални преговори во Преговарачка рамка, не знам кој е тој. Единствената гаранција која ние ја дадовме е претставена кај нашите стратешки партнери и тоа е максимум што може да направиме во овој момент зашто и како народ и како држава направивме нешто што никој не направил, нема што повеќе од ова да правиме, ние како влада не можеме ништо повеќе од ова да правиме. Тоа е нашата црвена линија“.
Премиерот подвлече дека нашата земја има целосно усогласена политика со ЕУ, и како што рече, „не сме опасност, целосно ќе ги следиме, тие нека водат ние ќе ги следиме, ако тие мислат дека ние не заслужуваме по принципот на дела, а не по принципот на билатерализација и прашања од средниот век, да бидеме дел од европското семејство, тоа е нивно право“.
Мицкоски рече дека било лага оти сме барале промена на Преговарачката рамка, „иако таа е катастрофа, најлоша, никој нема таква“.
Премиерот Мицкоски пред пет месеци, дента кога беше избрана неговата влада на 24 јуни, во интервју за Телевизија 24 изјави дека ако има желба, Преговарачката рамка со Европската унија може да се промени.
„Ако има желба, Преговарачката рамка со Европската унија може да се промени. Ако навистина сакаат Македонија да ја видат таму, има можност за тоа, како и дека ќе бидат потребни гаранции дека нема да има дополнителни билатерални услови од Софија со посредништво на Европската унија“, рече тогаш Мицкоски.