Премиерот на Мароко повика на дијалог откако протестите станаа насилни


Премиерот на Мароко, Азиз Ахануш, денеска повика на дијалог за да се прекинат протестите на младите ширум земјата, кои станаа насилни и во кои загинаа три лица, додека најмалку 640 се повредени.

Ахануш наведе во соопштение дека дијалогот е единствениот пат.

Тој истакна дека неговата влада се ангажирала во врска со барањата кои ги изразиле младинските движења и дека е подготвена за дијалог и дискусија.

Протестите, организирани од анонимната младинска група „ГенЗ 212“ преку ТикТок, Инстаграм и платформата Дискорд, започнаа во саботата со барања за подобро образование и здравствена заштита.

Стапката на невработеност кај младите во Мароко е речиси 36 проценти, додека кај дипломираните студенти е 19 проценти.

Немирите ескалираа во вторникот вечерта, кога демонстрантите нападнаа полиција и ограбија продавници, а властите соопштија дека 263 припадници на безбедносните сили и 23 цивили се повредени.

Најинтензивните судири беа регистрирани во градовите во близина на Агадир, каде што беа запалени општински згради, банки и автомобили, додека мирни протести се одржаа во Казабланка, Уеда и Таз.

Демонстрантите таму побараа оставка од премиерот Азиз Ахануш и крај на корупцијата.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека го поддржува правото на протест во рамките на законот и дека безбедносните сили ќе дејствуваат воздржано.

Групата „ГенЗ 212“ на социјалните мрежи објави дека го отфрла насилството и дека ќе продолжи со мирните протести.