Премиерот „на гости“ во Крива Паланка – домаќинот непоканет
Мицкоски, Николоски и Трајановски беа да ја пуштат реконструираната обиколница, но градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, не беше пожелен во нивното друштво. Веројатно затоа што е од СДСМ
Четири и пол километри пат од обиколницата во Крива Паланка, реконструиран последниве месеци, вчера беше пуштен официјално. Овој настан ги собра функционерите од ВМРО-ДПМНЕ: премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, на едно место, но изостана домаќинот, односно градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, кој е од редовите на СДСМ.
Зошто се воспостави пракса централната власт кога отвора, пушта во употреба или почнува некој проект во општините, односно на локално ниво, да присуствуваат претставници од локалната самоуправа само доколку тие се дел од истата политичка партија или од коалицијата, прашавме во Владата, но од таму не добивме одговор.
Додека Мицкоски, Николоски и Трајановски одговараа на прашања за обиколницата, но и на други теми, градоначалникот Митовски беше во Конопица, заедно со народот, каде традиционално се одржува „Невестинско поклонение“ во црквата „Св. Теодор Тирион“.
„Да се пушта во употреба магистрален пат што минува низ општината, а притоа да не се покани првиот човек на општината, не е протоколарна грешка – туку најверојатно прашање на принцип и политичка зрелост. Кога институциите се ставаат во втор план, а во прв план доаѓа партиското раководство, тогаш пораката е повеќе од јасна. Особено ако станува збор за проект чија подготовка, проектирање и финансиско обезбедување се реализирани во време на СДСМ и кој е вклучен во програмите на државните патишта. Со туѓ труд и со туѓи перја навистина и лесно се фотографира“, реагираше денеска градоначаникот на Крива Паланка, Митовски, преку социјалните мрежи.

Проектот на реконструкција на обиколницата изградена одамна (која, всушност, сега е во самиот град) се реализираше преку Јавно претпријатие за државни патишта, а инвестицијата е вредна 65,5 милиони денари, народни пари. Според фотографиите од реконструираната обиколница таму нема некој посебен нов зафат. Не е проширен коловозот, патот оди змиулесто покрај Крива Река. Зафатот е дел од вообичаените обврски на ЈПДП.
Премиерот Мицкоски постојано повторува дека инвестициите и парите од унгарскиот кредит се за цела држава подеднакво, за сите општини, без оглед кој е таму гадоначалник. Но со примерот од неделата во Крива Паланка покажа дека не е така како што зборува. Мицкоски едно зборува за јавноста, а друго прави во практиката. Поканата за градоначалникот Митовски ќе беше извонреден чекор, но власта не успеа да собере сили да го направи.

Дека оваа пракса ја имаат и градоначалниците од спротивниот табор покажува примерот со отворањето на реновираната сала „Работнички“, во Градскиот парк во скопската општина Центар.
Имено, таму пред неколку дена се одржа свеченост за пуштање во употреба на салата која се догради со пари од унгарскиот кредит, а првата фаза беше овозможена со пари од претходната влада.
Но, место на отворањето да присуствуваат сите заслужни за овој проект, таму беше само градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски. Не присуствуваше ни министерот за спорт Борко Ристовски, преку чие министерство општината ги доби парите од унгарскиот кредит.
Сепак, од Општина Центар велат дека не било замислено како големо отворање и во салата присуствувале само деца од основните училишта во Општина Центар.
„Денеска е голем ден за Центар!
Со огромна гордост и радост ја отворивме новата сала на ‘Работнички’, симболот на нашите победи, на храброста и на идните спортски соништа.

Со целосно обновена инфраструктура по стандарди на ФИБА, нов паркет со подно греење, нови седишта на трибините, современо осветлување, семафори, кошеви, модерни соблекувални и тоалети, административни простории и енергетски ефикасна фасада, салата доби европски лик и услови за врвни натпревари. Ова не е само инвестиција во спортски објект, ова е инвестиција во нашите деца, во младите, во идните шампиони.
Салата му припаѓа на Центар, без поделби, без политика. Заедно покажавме дека можеме да создадеме нешто што ќе трае и ќе носи нови победи“, напиша градоначалникот Герасимовски на 24 февруари на социјалните мрежи.
Околу Герасимовски можеa да се забележат некои кошаркарски легенди, но од КК „Работнички“ му забележаа што не поканил никој од кај нив, а оваа сала е нивниот спортски дом.