Премиерот кажува црвени линии за Изборниот законик и со тоа ја одобрува блокадата, вели Моника Зајкова од ЛДП
„Пред да дојдам тука го следев гостувањето на премиерот, кој што најави дека нивна црвената линија е електронското гласање само на дијаспората. Затоа треба да се исцрта нашата црвена линија, која не е само црвена линија на ЛДП, туку црвена линија која што ја бараат 1.5 милион граѓани кои што живеат во Македонија. Тоа е е можноста за отворени листи и една изборна единица, но и рамноправен пристап и трка во изборниот процес“, изјави во гостување на централниот Дневник на МРТВ претседателката на ЛДП и пратеничка, Моника Зајкова.
Зајкова додава дека отворените листи воопшто не биле предмет на дискусија бидејќи за тоа немало интерес, а за една изборна единица секогаш ќе има некој кој што ќе се јави со нови идеи што експресно излегуваат, сѐ со цел тоа да не се направи.
„Но, со самото тоа што веќе се исцртуваат црвени линии, треба да кажеме дека дебата за носење на Изборен законик со консензус тука се завршува и дека со тоа, самиот премиер ја одобрува блокадата. Бидејќи не можеме на почеток да се договориме дека треба да постои консензус, а притоа консензусот да биде што ќе диктира владејачката коалиција“, рече Зајкова и додаде дека ако веќе се исцртуваат црвени линии значи дека дебатата е затворена и тука повеќе нема простор за дебата.
ЛДП веќе поднесе и конструктивни, но не може некој да кажува дека има црвени линии, притоа затворајќи ги црвените линии на она што го бараат 1.5 милиони граѓани кои што живеат во Македонија.
„Се согласувам дека е недозволиво да не им го олесниме правото на глас на нашите граѓани во странство кои придонесуваат за државата, но не е фер да не им го олесниме и правото на глас на оние кои живеат и придонесуваат и во Македонија, бидејќи со ова решение се укинуваат гласачките места со под 10 жители и тие луѓе ќе патуваат дваесетина километри да го остварат правото на глас“, истакна Зајкова.
„Ако се мислеше на реформската агенда не требаше процесот да почне во март бидејќи ние имавме готов текст уште од претходната владејачка гарнитура, кој што ги опфаќаше забелешките на ОБСЕ и ОДИХР и можеби требаше порано да се започне со работа, бидејќи јас не знам како се мислеше дека ќе се постигне така лесно сѐ“, рече Зајкова во Дневникот на МРТВ.