Премиера на „Ова е само крајот на светот“  на 7 март во Драмски


 Директорот Роберт Вељановски, режисерката Теа Беговска и актерската екипа на денешната прес-конференција ја најавија премиерата на „Ова е само крајот на светот“ што ќе се игра на 7 март во 20 часот во Драмски театар.

Режисерката Теа Беговска во своето обраќање се заблагодари за можноста да ја работи „Ова е само крајот на светот“ како прва продукција на Драмски во годината кога театарот ја одбележува 80-годишнината. Таа додаде дека станува збор за семејна психолошка драмата на францускиот автор Жан-Лик Лагарс напишана во 1995 година. Овој текст за прв пат се поставува во Драмски театар Скопје.

Актерската екипа ја сочинуваат актерите на Драмски: Стефан Вујисиќ, Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Александар Степанулески, Сара Климоска и Ања Митиќ.

Преводот и адаптацијата на текстот „Ова е само крајот на светот“ ги направи режисерката Теа Беговска, а во уметничкиот дел од тимот на претставата работеше сценографката и костимографка Надја Василева-Ковачовска, гостинка од Бугарија. Музиката во претставата е на Енес Беговски. Мултимедијалниот дел и видеоматеријалот ги подготвија: оператор на камера  Велимир Стојановски, видеооператор Матеј Трајковски и технички координатор Михаил Узунов. Инспициент на претставата е Гоце Бојчев, а суфлер Жаклина Цветковска.

„Ова е само крајот на светот“ е активна, современа, длабоко емотивна тема во која членовите на семејството се толку блиску еден до друг физички, а секој живее во својата вселена. Од медиумски аспект, претставата е хибрид на театарски и филмски елементи што публиката ќе ги следи преку видео проекции.

Актерката Билјана Драгиќевиќ-Пројковска која го игра ликот на мајката вели: „ Претставата е еден емоционален ролеркостер во која гледачите во 90 минути ќе можат да ја почувствуваат илузијата на едно семејство и да посведочат како со премолчување семејството ги споделува работите, најчесто со одложување на вистината“.

Во режисерската белешка за претставата Теа Беговска пишува:

Гледам во една фотографија од дете на која ќе ми пукнат образите од смеење. Позади тие образи кои ќе пукнат од смеење има само една ВИСТИНА…

А тоа е дека татко ми ме фотографирал, а мајка ми ме дотерала. И ништо на таа фотографија не е случајно. Ништо не е спонтано, освен таа насмевка од која пукаат образите…

Тоа дете сме биле сите ние некогаш. Тоа дете не знае ни дали ќе ги каже, ни дали ќе ги чуе сите ВИСТИНИ кога ќе порасне. Во тој момент за тоа дете ВИСТИНАТА е само таа насмевка.

Постојат семејства во кои вистината не се крие таа само се одложува. За „погоден момент“. За „кога ќе бидеме поспремни“. За „утре“. За од „понеделник“. Како на една фотографија на која на сите ни „пукаат“ образите од смеење. Сите гледаат во објективот од камерата, но, никој не гледа во себе.

Одложувањето на вистината не е лага, туку страв. Страв дека кога ќе се изговори вистината, ништо повеќе нема да остане исто. Да не ни стане домот страв!

А можеби токму затоа најгласно се смееме кога најмногу молчиме. Разговорите кружат околу вистината, без никогаш да стигнат до неа. И тоа е тоа. Толку. Ова е САМО крај на светот. САМО крај на сите комуникации со најблиските. САМО тоа. Ништо повеќе.

Првата реприза на претставата „Ова е само крајот на светот“ е закажана на 12 март, а наредната изведба на редовниот репертоар на театарот ќе биде на 21 март.