Премиера на „Макбет“ во МНТ: Болната политичка амбиција носи само пропаст


„Макбет“ е културно дело на Вилијам Шекспир и драмата раскажува за една психолошка и политичка амбиција која го носи владетелот во пропаст. Без разлика што драмата е напишана со векови наназад, таа е безвременска, како и секое од делата на Шекспир. Премиерно претставата ќе се одигра на 9 мај во Македонскиот народен театар, а е во режија на Нела Витошевиќ. Преводот е на Богомил Ѓузел.
Во улогата на Макбет и Леди Макбет се актерите Сашко Коцев и Драгана Лошкова (екс Костадиновска). Останатиот дел од актерската екипа се мешавина од искусни актери од ансамблот на МНТ, како и млади, но веќе докажани актери, а најмладешката енергија на сцената ја носат и неколку студенти од Факултетот за драмски уметности.
Витошевиќ, после 12-годишна режисерска кариера, првпат добива адекватен буџет од еден милион и 800 илјади денари за подготовка на претстава, како и сериозни институционални услови за реализирање на ваков обемен театарски производ. Вели дека „Макбет“ и бил предизвик уште во студентските денови бидејќи е драма која поставува многу прашања.

– Она што од секогаш ме интригирало кај „Макбет“ е тоа што драмата е подеднакво и психолошка и политичка. Зборува за една болна политичка амбиција за власт, која главните ликови ги носи во психолошки распад. Сведоци сме вековно низ годините дека секој поединец кој ќе се дограби на власт, ненаситноста за таа власт константно расте и води кон тиранија. Практично, двајцата главни ликови на крајот се дават во море од крв, кое го создаваат од жртвите што ги ликвидираат. А, сето тоа го прават поради амбицијата за власт – вели Витошевиќ.

Целата атмосфера, додава режисерката, се препознава и денеска како еквивалент на една мачна состојба на модерното живеење условена од трката за брз напредок кај поединецот.

– Човековата амбиција за престолот е еднаква на денешниот либерал-капитализам, каде што личниот интерес е над сè останато, а газењето преку лешови за да се стигне до врвот е типична одлика на современото битисување. Потсвеста и грижата на совест, во драмата, ги водат и двајцата ликови во лудило и смрт. Во современото општество ништо не е поразлично. Последиците понекогаш се манифестираат со автоимуни болести, панични напади, а често и смрт. Колку што „Макбет“ е психолошка, толку е и политичка. Таа зборува за политичкото зло – додава Витошевиќ.

Актерката Драгана Лошкова (Леди Макбет) вели дека за ликот кој го толку во текстот не се навестува конкретно од што произлегува нејзината алчност за власт, па затоа се дискутирало што од повеќето можности да биде потенцирано.

– Ние начнавме и некои разговори во смисла дека тие двајца не се остварени како родители. Тоа и се споменува во текстот на едно место, иако може да се толкува на повеќе начини, го зедовме како една можност. Кога човек не може себеси да се реализира духовно, тоа вродува со фрустрација или комплекс – вели Лошкова.
Сашко Коцев зборуваше повеќе за продукцискиот дел на претставата и потсети за суеверието кое постои за претставата „Макбет“ во кое се верува дека носи несреќа. За среќа, вели Коцев, нив не им се случувала никаква лична трагедија, но трагедии воопшто за културата се случуваат.

– Културата е фрлена на маргините, министер немаме веќе некое време. Не зборувам само за МНТ, туку воопшто театарот во Македонија е оставен за поткусурување. Направивме натчовечки напори да ја подготвиме претставата. Првиот дел од финансиите стигнаа пред 20 дена и ова е веќе четврти датум за премиера на „Макбет“. За поздрав е секторот за костимографија и сценографија што ја заврши нивната задача за неполни две недели. Успеаја да бидат готови до 4 мај за ние на 9 мај, на Денот на победата над фашизмот да имаме премиера – вели Коцев.

Во врска со процесот, Сашко вели дека имале неверојатна енергија.
– Мојот Макбет го победи амбицијата и направи страшно дело. Секоја чест на човек што може тоа да го направи и така да стигне горе, без никаква грижа на совест. Тоа не е човек. Нашиот Макбет не можевме така да го направиме. Сакав да му дадам човечка димензија, одговорност и грижа на совест – додава Коцев во врска со главниот лик кој го толкува.

Во актерската екипа играат и Сенко Велинов, Дениз Абдула, Стефан Вујисиќ, Благој Веселинов, Борче Начев, Наталија Теодосиева, Ана Стојановска, Ивана Павлаковиќ, Славиша Кајевски, Исмет Шабановиќ, Дарко Ристовски, Томислав Давидовски, Ненад Анѓелковиќ, Виктор Бужаров, Филип Ивковски и Адриен Боирал. Костимограф е Роза Трајческа- Ристовска, а сценографијата е на Костантин Трпеноски. Музиката ја изработи Огнен Анастасовски.
Првата реприза на „Макбет“ ќе биде на 11 мај, а втората на 28 мај.

Ивана Настеска