Премиера на документарецот за ди-џеј Авичи
Новиот документарен филм за животот на ди-џеј Авичи, музичката легенда која трагично почина во 2018 година на 28-годишна возраст, од 9 јуни ќе биде достапен за пошироката публика. Приказната под наслов „Јас сум Тим“ (Avicii: I’m Tim) ќе го раскаже животот и последните денови на познатиот ди-џеј.
Тим Берглинг е роден во Шведска и првиот светски успех го постигна со песната „Levels“ од 2011 година. Се надоврзаа и хитовите „Lonely Together“, „Wake Me Up“, „Waiting For Love“ итн. Документарецот беше премиерно прикажан на филмскиот фестивал „Трибека“ во Њујорк. На интернет-страницата на филмскиот фестивал има и опис за филмов. Се вели:
„Во 2011 година, Авичи го освои светот со своите револуционерни хитови, поставувајќи рекорди и воодушевувајќи ја публиката со неговата заразна електронска музика. Неверојатната приказна за Тим Берглинг е обработена со страст и разбирање во филмот во режија на Хенрик Бурман, нурнувајќи длабоко во метеорскиот подем на Авичи до славата“.
Документарецот ги истражува и психичките проблеми на музичарот, особено анксиозноста и земањето непрепишани лекови. 3а тоа говорат и неговите пријатели.
– Дознав дека зема лекови за болки. Јас пораснав со семејство каде што се дрогираа и гледав како луѓето земаат опијати и очите им се менуваат. Очите (на Берглинг) му беа како на зомби. Тие апчиња го менуваат и начинот на однесување, раскажува неговиот пријател Џеси Вејтс во документарецот.
Ќе бидат прикажани и досега невидени снимки од турнеите и поглед зад сцената – за шест години ди-џеј Авичи имал повеќе од 800 концерти.