Премиера на „Чудесна терапија“ во Драмски театар
Драмски театар – Скопје вечерва од 20 часот на малата сцена премиерно ќе ја изведе камерната претстава „Чудесна терапија“, по текст на австрискиот автор Даниел Глатауер и во режија на Димче Николовски.
Осумдесетминутната претстава со тројца актери (Соња Стамболџиоска во ликот на психотерапевт и Маја Вељковиќ-Пановска и Предраг Павловски – во улога на брачна двојка) раскажува за многу нарушена комуникација и недоразбирање меѓу маж и жена. Тие одат на брачно советување – терапија која добива чудесни размери.
Режисерот Николовски рече дека процесот на подготовка бил долг и напорен и дека е задоволен од крајниот резултат и од соработката со екипата.
– Тоа е претстава за комуникацијата, поточно за недостигот на комуникација меѓу луѓето. Тој проблем е корен на многу војни, вистински војни, а денес тој проблем многу нè допира со напредната технологија и оддалечувањето на луѓето. Претставата се занимава со потребата од чиста и искрена комуникација како предуслов за една среќна врска…, рече Николовски.
Драматургот Александра Бошковска дополни дека претставата се занимава и со психотерапијата, т.е. советувањето на паровите – колку е тоа автентично, а колку е само игра и манипулација. Жанровски претставата е блиску до комедија.
Авторот на текстот, Даниел Глатауер (1960), е австриски писател и поранешен новинар, најпознат по епистоларниот роман „Виртуелна љубов“. Претставата „Чудесна терапија“ во целост е подготвена со средства донирани од приватно лице.