Премиера на „Алиса се враќа дома“ на 8 октомври во Драмски


Драмски театар Скопје на 8 октомври во 20 часот премиерно ќе ја праизведе „Алиса се враќа дома“, нов македонски драмски текст на Ивана Смилевска, во режија на Моника Ставревска, студентка по Театарска режија на Факултетот за драмски уметности – Скопје, во класата на проф. м-р Зоја Бузалковска.  Инспирирана од светот на Луис Карол, дипломската претстава на Ставревска ја зема препознатливата митологија на Алиса и ја преселува во современа дистопија во која послушноста е доблест, критичката мисла е престап, а среќата речиси општествена обврска.

За режисерката Моника Ставревска, Кароловата „Алиса“ е почетна точка, но не и дестинација.

„Ова не е Алиса од Луис Карол. Неговата приказна ни беше инспирација, вратата низ која влеговме, но претставата оди на друго место“, вели Ставревска.

Во нејзиното читање, Зајачката Дупка повеќе не е фантастичен простор во кој паѓа едно дете. Таа е состојба во која може да се најде секој возрасен човек: моментот кога борбата станува претешка, кога откажувањето почнува да изгледа како удобност, а удобноста како мир.

Во центарот на претставата е Соња Стамболџиоска во улогата на Алиса. Нејзиниот најдиректен контрапункт е Црвената Кралица, која ја толкува Биљана Драгиќевиќ-Пројковска. Во улогата на Белиот Зајак настапува Александар Степанулески. За Лазар Христов, кој го толкува Лудиот Шапкар, „Алиса се враќа дома“ е трет заеднички проект со Ставревска во две години и нова фаза од нивното заедничко уметничко растење.

Во актерската екипа се и: Златко Митрески (Чешит Мачорот), Ања Митиќ (Дина), Филип Трајковиќ (Гасеницата), Трајанка Илиева-Вељиќ (Белата Кралица), Ангела Пејковска (к.г.), Нина Елзесер и Ирена Димеска (к.г.) како Цвета, Ружа и Невена, како и Томислав Давидовски и Марјан Наумов како Твитл Ди и Твитл Дам.

Креативниот тим го сочинуваат Ивана Смилевска – автор, Моника Ставревска – режисер, Александра Бошковска – драматург, Филип Лафазановски – асистент на режисерот, Ненад Тонкин – сценограф, Роза Трајческа – костимограф, Лука Тошев – автор на музиката и Леа Манева – продуцент. Дизајнот на плакатот е на Николас Димес, фотограф е Филип Лафазановски, а видеограф е Димитар Атанасоски.

Праизведбата е на 8 октомври во 20 часот во Драмски театар Скопје, а следните репризни изведби се на 9, 15 и 21 октомври.

Билетите се во продажба на билетарницата на Драмскиот театар и онлајн на веб- страницата dramski.mk.