Преку тешки одлуки се сака државата, рече Пендаровски во Штип
Вечерва повторно ја барам довербата од вас граѓаните, затоа што можам да ве погледнам во очи и да ви кажам дека во изминатите пет години зад моето име нема ниту една криминална афера, ниту еден случај на корупција, на провизии или на наместени тендери, порача на вечерашниот централен митинг на Градскиот плоштад „Слобода“ во Штип, кандидатот за претседател на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски.
Тој истакна дека ако ја добие довербата од граѓаните и во наредните пет години ќе продолжи да работи за плата, а не за проценти, ќе продолжи со еднаквиот третман кон сите луѓе независно на кој народ му припаѓаат или за која партија гласаат. Забележа дека дека секогаш ќе ги почитува младите и нивниот успех, а ќе им помага и на понижените да добијат човечки третман, таму каде што живеат.
Пендаровски од Штип истакна дека јасно е оти Македонија е можна само како демократска и просперитетна држава ако ги чува витални и ги одржува живи двата стратешки континуитети: евро-атланските интеграции и меѓу етничките односи.
„Во септември минатата година го потпишавме договорот со Фронтекс, европската агенција која се грижи т.н Шенгенски граници на англиски и на македонски јазик. Поголем доказ од тоа дека ние сме тие која ја штитат македонштината нема, а тие работат против таа кауза“, рече Пендаровски.
Тој забележа дека сегашната опозиција била 11 година на власт и не се памети дека имаат донесено една тешка одлука за државата, а токму преку носење на стратешки одлуки се остваруваат националните интереси, но се губи рејтингот. Пендаровски додаде дека актуелната опозиција и тогаш и денес биле заинтересирани само за власт и пари. Тој нагласи и дека неговата политичка филозофија е против поделбата на луѓето по било која основа, додека опозицијата дели на наши и ваши, патриоти и предавници и затоа на овие избори со масовно гласање граѓаните треба да ја одбијат оваа понуда од опозицијата.
Пендаровски порача дека по изборите нужно е да се направи целосен ветинг на судиите, обвинителите, но и на политичарите. „Тие треба да бидат разрешени од функциите и да лежат во затвор, а не да делат правда или да конкурираат за политичка функција“, рече Пендаровски.