Префрлени пари за оние кои добија „празна“ Домашна платежна картичка


Утрово по инициран налог од Генералниот секретаријат беа префрлени 32 милиони денари кон банките за прифатените приговори, соопшти преку Фејсбук министерката за финансии Нина Ангеловска.

Во текот на денешниот и утрешниот ден банките ги стават на располагање на домашните платежни картички на граѓаните, додаде таа.

Ангеловска објаснува дека од разгледаните 46.000 приговори, 9.200 биле прифатени од кои 5.800 млади лица од 16 до 29 години, 700 невработени лица со низок доход и 2.700 вработени лица со низок доход.

„Со денешната префрлена сума од прифатените приговори вкупно се исплатени 28,3 милиони евра“, вели таа.

Заклучно 25 јули беа издадени над 300.000 картички во износ од 26 милиони евра, од кои 20 милиони евра потрошени за купување домашни производи и услуги. Со картичките се направени 1,5 милиони трансакции до 25 јули, вели Ангеловска.

Изјвата на Ангеловска доаѓа по реакциите на повеќе граѓани дека им биле издадени домашни платежни картички на кои нема ниту еден денар, односно салдото е нула.

Од Министерството за финансии потврдија дека биле издадени вакви картички при што објаснија дека налогот за исплата од трезорот бил даден вчера, а парите на картичките ќе легнат до утре.

Кога беше промовирана Домашната платежна картичка беше најавено дека неа ќе ја добијат 324.479 корисници, а за оваа мерка Владата пресмета дека треба да издвои 28 милиони евра.

Ангеловска тогаш рече сите картички ќе треба да бидат издадени најдоцна до 18 јули и искористени најдоцна до 15 август.

Тоа практично значи дека граѓаните кои дополнително ги добија картичките ќе имаат пократко време да ги искористат. Тоа го потврди денес и вицепремиерката Мила Царовска која одговарајќи на новинарско прашање рече дека приговорите за домашните платежни картички нема да пропаднат, граѓаните ќе ги остварат своите права, но периодот на трошење на средствата ќе биде пократок ако не се изнајде друго решение.

„Уредбите беа донесени во вонредна состојба. Сега сме во поинаква ситуација. Ако се воспостави Собранието побрзо и ако се оди кон одредена законска измена, но сметам дека тоа е прекомплицирано за сега да може да се направи. Може да се отвори како дискусија на Влада, ако има одреден став ќе може да го презентираме, но роковите се поставени во уредби со законска сила, кои немаме моќ во овој момент да ги менуваме. Нашите овластувања и моќ во овој момент не се такви, истакна Царовска.