Предизвиците на следниот еврокомесар за проширување
Перспективите на државите кандидати за членство за ЕУ, покрај од нивните сопствени напори во спроведувањето на реформите и усогласувањето со европската легислатива, во следните пет години ќе зависат и од тоа како Европската комисија и земјите членки на Унијата ќе одлучат да пристапат кон процесот на проширување, оценува бриселскиот портал „Еурактив“.
Какви ќе бидат тие перспективи ќе може да се насети уште во извештаите за напредокот на земјите кандидати за членство, што треба да бидат објавени кон средината на следниот месец и во кои се очекува да бидат поставени насоките во кои овие држави ќе се движат во новиот мандат на институции на ЕУ.
Дипломатски извори посочуваат дека не е исклучено Албанија и де факто да ги започне пристапните преговори до крајот на годината, со што би била раздвоена од земјава, која е заглавена на европскиот пат од, како што наведува „Еуроактив“, „бугарските барања за промени на Уставот и хаотичната внатрешна состојба во Софија“.
Црна Гора би можела да се надева дека ќе затвори некои поглавја од преговорите во наредните месеци, откако нејзината нова Влада даде импулс на домашните реформи, со што била една од ретките земјите од Западниот Балкан што би остварила одреден напредок на европскиот пат.
Во извештаите се очекува и позитивен тон за напорите на Украина и Молдавија, чии скрининзи се очекува да завршат на почетокот на следната година, што не важи и за Грузија особено по одлуката на Брисел за замрзнување на средбите високо ниво со Тбилиси и на воената помош за земјата поради неодамнешното усвојување на законот за „странско влијание“, кој според ЕУ е изработен во „руски стил“. Сепак, состојбата би можела да се промени во зависност од исходот од парламентарните избори закажани за 26 октомври, од кои ќе зависат перспективите на грузискиот европски пат.
Во ваква ситуација се очекува именувањето на новиот еврокомесар задолжен за процесот на проширувањето. Во пресрет на објавувањето на конечниот состав и ресори во новата Европска комисија, што се очекува да се случи в среда, дипломатски извори посочуваат дека досегашното портфолио за соседска политика и проширување ќе се подели. На тој начин на процесот на проширувањето би му се дала поголема политичка важност и најверојатно новиот еврокомесар за овој ресор ќе биде насловен за „проширување и обнова на Украина“.
Како фаворит за оваа функција неофицијално се посочува Летонецот Валдис Домбровскис, кој е актуелен извршен потпретседател на Европската комисија за економија во интерес на луѓето и еврокомесар за трговија. Според дипломатски извори, изборот на поранешниот летонски премиер и еврокомесар за финансиска стабилност, финансиски услуги и за пазарите на капитал во претходната ЕК, паднал поради неговите „технократски вештини, трпеливост и цврстата поддршка на Летонија на источното соседство на ЕУ“. Дополнително, неговото значајно економско искуство би можело да помогне за надминување на проблемите со обновата на Украина, што се очекува да биде комплексна задача во следните години.
По руската агресија врз Украина во февруари 2022 година, високи претставници на ЕУ во повеќе наврати посочуваа дека актуелната геополитичка ситуација ја наметнува неопходноста од забрзување на проширувањето, кое практично беше запрено за време на мандатот на Еврокомисијата предводена од Жан-Клод Јунекер од 2014 до 2019 година, што резултираше со речиси една деценија стагнација на пристапниот процес.
Покрај самиот преговарачки процес со земјите кандидати за членство, ЕУ во следните пет години ќе мора да се соочи со предизвикот како да ги усогласи своите амбиции со реалноста на проширувањето и приемот на нови членки.
Самиот процес на проширување ќе има влијание и врз преговорите за следната Повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ за 2028-2034 година, периодот во кој се очекува приемот на нови членки, како и врз дебатите за политичките реформи на блокот за тој да може во перспектива да функционира со потенцијално најмалку 35 членки. Токму оваа перспектива може да ја покрене расправата за радикална промена на начинот на кој сега функционира Европската Унија, заклучува „Еурактив“.