Пред 22 години беше убиен Зоран Ѓинѓиќ: Политичката позадина до денес не е откриена


На 12 март 2003 година, Зоран Ѓинѓиќ беше погоден со два снајперски куршуми во градите во дворот на Владата. Веднаш потоа беше пренесен во Ургентниот центар, каде што беше направен обид за реанимација, но без успех. Денес се одбележуваат 22 години од неговиот атентат, пренесува Н1.

Неколку часа по убиството на Ѓинѓиќ, во Србија беше прогласена вонредна состојба, која траеше до 22 април истата година. За време на вонредната состојба беше организирана полициската акција „Сабја“, во која, меѓу уапсените, беше и атентаторот на Ѓинѓиќ, поранешниот командант на ЈСО, Ѕвездан Јовановиќ.

Полицијата во акцијата „Сабја“ уапси повеќе од 11.000 лица, меѓу кои припадници на земунскиот и други криминални кланови, политичари, високи воени офицери, носители на правосудни функции и некои естрадни личности.

Ѓинѓиќ беше погребан на 15 март во Алејата на заслужните граѓани на Новите Гробишта во Белград, каде што на неговиот погреб присуствуваа повеќе од 70 странски државни делегации.

Главните осуденици за атентатот беа припадниците на распуштената „Единица за специјални операции“, меѓу кои се Милорад Улемек Легија и Ѕвездан Јовановиќ, како и на припадници на земунскиот клан.

Во август 2003 година, 44 лица беа обвинети за учество во убиството, а судењето започна на 22 декември 2003 година во Одделението за борба против организираниот криминал при Окружниот суд во Белград. На 23 мај 2007 година, обвинетите беа прогласени за виновни и осудени на вкупно 378 години затвор.

Зоран Ѓинѓиќ беше еден од основачите на Демократската партија (ДС), каде што беше претседател на Извршниот одбор, а од јануари 1994 година до неговото убиство беше претседател на ДС. Тој беше и првиот некомунистички градоначалник на Белград по 1945 година. За време на мандатот на Ѓинѓиќ беше започнат процес на демократизација на општеството и темелни економски и социјални реформи.